Предновогодишно интервју со Ивана Кнез, модна дизајнерка: 2025 ми „плесна“ шлаканица, ми покажа дека материјалното нема вредност
Во духот на празниците, кога со благодарност ја испраќаме годината и со надеж ја дочекуваме новата, започнуваме празнична серија разговори со личности од македонската јавна сцена, кои ќе ни откријат дел од својата празнична магија.
Препорачано
Во разговор за „Слободен печат“, модната дизајнерка Ивана Кнез откри како ги минува празничните денови и сподели дел од своите лични и професионални желби што се надева дека ќе се остварат во 2026 година.
Пред нас е еден од најубавите периоди во годината. Која е твојата омилена празнична традиција, онаа што секогаш ти носи радост и без која не можеш да ги замислиш новогодишните и божиќните празници?
– Откако се преселив во куќа надвор од Скопје, имам сосема поинакви ритуали и традиции речиси за секој празник. Ако порано ми беа кафеани и ресторани, забави и коктели, сега сум најмногу фокусирана на домот, на животните што ги чувам, на семејството и на оние што ги сакам. Веројатно и со годините си доаѓа тоа, с ѐ повеќе ми е ритуал топло какао покрај камин и добра книга, „ушушкана“ во огромно ќебе и опкружена со новогодишни светилки. Ги почитувам премногу овие празници, ова е единствен период од годината кога јас земам одмор и максимално го користам.
Кога сме деца, магијата на празниците ја доживуваме на уште пошаренолик начин. Кое е твоето најдраго празнично сеќавање од детството?
– Плоштадот на град Скопје накитен како бајка и куќарките преполни со миризливи колачи, тоа ми е запечатено во срцето откако се сеќавам на себе, многу ми е жал што политичарите ни го земаа тоа во последниве десет години. Уште ми е потребна таа магија, иако сум многу постара уште се радувам на таа атмосфера.

Остана уште многу малку од 2025 година. Што е она што ти ја одбележа годинава на приватно и на професионално поле, и по што најмногу ќе ја паметиш?
– Премногу предизвици, за жал, поголемиот дел негативни. Но, цврсто верувам во тоа дека животот ти го дава тоа што можеш да го износиш и сѐ додека од секое искуство научиш лекција сѐ дотогаш секое искуство е вредно. Научив дека луѓето се сѐ покревки како минуваат годините и мора внимателно да се однесуваш со секој човек во твојот живот, не знаеш каква битка секој од нив води сам. Научив дека секое разочарување е твоја лична субјективна реакција поврзана со очекувања наместо со реалност, дека секоја физичка болка поминува, а душевната остава неискажлива трага што секој од нас има за предизвик да ја преработи за да не му се претвори во траума. Оваа година ме седна некако, ми плесна шлаканица, ми покажа дека материјалното нема вредност, дека скапата чанта нема да те гушне навечер, дека туѓата несреќа е личен избор и дека не можеш да го спасиш оној што е решен да се удави. Има една поговорка од мојот прадедо – „ако видиш човек да се дави, подбутни го, не му подавај рака“. Кога бев помлада ми беше гротескна, сега мислам дека почнувам да ја разбирам. Не можеш со сила да дадеш, можеш само да земеш. Но можеш да работиш на себе и секој твој пад да го претвориш во скала за да се искачиш повторно нагоре.
Каде и во каква атмосфера ќе ја дочекаш 2026 година?
– Дома, без алкохол, без мрсна храна и без гужви. Многу повеќе го вреднувам мирот, сакам да ми е лесно, ја сакам слободата што ја дава самоконтролата.

Која е твојата најголема желба за новата 2026 година?
– Да го завршам конечно циклусот започнат пред многу, многу години, каде ќе научам конечно како можам да си простам, да се ставам сама себе на прво место и да ѝ се радувам на минливоста на животот, ништо не е засекогаш, сѐ има рок на траење па дури и човечкиот живот на оној што најмногу го сакаш. Да живеам во сегашниот миг без илузија за иднина и без ропство на минато и да сакам, без разлика што и да се случи, да останам верна на љубовта во сите форми.
За крај, која е твојата празнична порака за читателите на „Слободен печат“?
– Вратете си ја наивната љубопитност што ја имавте како дете, онаа што животот ви ја украде во процесот на стареење. Потребна ви е за да си ја вратите магијата на животот, среќата зависи само од вас, животот може да биде сѐ што ќе посакаш да биде, само ако точно знаеш што сакаш и ако цврсто веруваш во тоа.


