Предлог-буџетот на МИОА за 2022 година изнесува 1.323.684.000 денари

Јетон Шаќири
Јетон Шаќири, министер за информатичко општество, Фото: Архива

Предлог-буџетот на Министерството за информатичко општество и администрација за 2022 година изнесува 1.323.684.000 денари, што значи имаме зголемување на некои ставки во буџетот во споредба со минатата година, изјави на денешната прес-конференција министерот Јетон Шаќири. Буџетот е составен од средства за финансирање на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, националната радиодифузија и Националната радио телевизија, понатаму средства за работа на МАРнет, средства за дигитализација на услугите за граѓаните и бизнисите и средства насочени кон зголемување на ефикасноста и ефективност на администрацијата и процесите внатре, институционално, посочи Шаќири.

– Првиот и најголемиот дел од овие пари, односно 900.000.000 денари се одвојуваат за финансирање на Националната радио телевизија, националната радиодифузија и Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. На овој начин граѓаните се ослободени од трошоци, а од друга страна овие институции добиваат редовни и предвидливи средства, односно овозможуваме нивна автономност и независност. Вториот столб во буџетот на МИОА е буџетот на МАРнет кој изнесува 15.254.000 денари. Со одвојување на средства во буџетот, а и како дел од Националниот оперативен бродбенд план, продолжуваме да инвестираме во поврзувањето на Универзитетите и сите останати образовни и истражувачки установи во мрежата на МАРнет, што ќе придонесе кон реализација на целите поврзани со зголемување на потребите по користење на бродбенд услуги и нивна промоција како и намалување на дигиталниот јаз. Со поврзувањето на образовните и научните институции во мрежата на МАРнет ќе им биде овозможено на сите ученици, студенти и истражувачи во Република Северна Македонија да ги користат сервисите на GEANT, изјави Шаќири.

Од останатиот дел од предлог буџетот за 2022 година, односно третиот столб со буџет од 277.532.000 денари, голем дел од средствата се предвидени за дигитализација на услугите и полесен, побрз, поефикасен пристап до нив за граѓаните и бизнисите.

– Сите услуги, достапни до сите граѓани се нашата приоритетна цел за наредната 2022 година. Затоа, вложуваме во доближувањето на услугите до граѓаните на два начини: преку центрите за „Една точка за услуги“ и преку набавка на хардверско и софтверско решение за издавање на документи. Отворени се првите четири канцеларии „Една точка за услуги“, во Куманово, Охрид, Тетово и Битола. Со ова, освен во Скопје, овозможуваме и граѓаните од други градови на едно место да добијат услуги и информации од различни државни и јавни институции, нагласи Шаќири, и додаде дека транспарентноста и отвореноста во работењето и редовната консултација со граѓаните е основа за креирање на политики и носење на одлуки кои се во интерес на сите граѓани.

– Дигитализацијата уште еднаш се покажа дека не само што го олеснува нашиот секојдневен живот, туку и го поттикнува економскиот раст. Затоа, сега кога го гледаме крајот на пандемијата на ковид-19, уште повеќе сме фокусирани да го искористиме моментот да инвестираме во дигитализација и да ја достигнеме целта да се ослободиме од употребата на печатена хартија до 1 јули 2022 година, што е и цел на Владата, истакна тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот