Предизвици на новото време: Дали вештачката интелигенција може да ги замени преведувачите?
Како што знае секој кој се обидел да ја насочи телефонската камера кон менито во странска земја, за да го преведе, машинското преведување пoсоти уште од раните времиња на Google Translate. Корисноста на преводот со вештачка интелигенција (ВИ) во ситуации како оваа е неспорна – но употребата на оваа помош во литературниот превод е поконтроверзна.
Препорачано
Холандскиот издавач Veen Bosch & Keuning објави дека ќе користи вештачка интелигенција за преведување на комерцијални фикции, предизвикувајќи гнев кај авторите и преведувачите – и покрај обидите да се смират со ветувања дека ниту една книга нема да биде преведена на овој начин без внимателна проверка и додека авторите не дадат согласност.
„Преведувачот преведува повеќе од зборови и реченици, ние градиме мостови меѓу културите, земајќи ја предвид целната публика на секој чекор“, вели Микеле Хачисон, добитничка на меѓународната награда Букер за 2020 година за нејзиниот превод на *Непријатноста на вечерта* на Лук Ријневелд. „Воведуваме суптилни индиции кои му помагаат на читателот да разбере одредени културни елементи или традиции. Пренесуваме ритам, поезија, игра со зборови, метафора“, додава Хачисон.
Преведувачите и авторите, исто така, истакнуваат дека преводот со вештачка интелигенција бара многу внимателно лекторирање и уредување – идеално од лице кое ги знае двата јазика. Во тој момент, таа личност може многу добро да го преведе самиот текст. Културната чувствителност е исто така посебна грижа, бидејќи е познато дека вештачката интелигенција генерира содржина што е крајно несоодветна.
„Минатата година, еден читател забележа неколку проблеми во француското издание на една од моите книги“, вели Џуно Досон, автор на серијата *Her Majesty’s Royal Coven*. „Преведувачот употреби малку застарен термин за транс-личност. Успеавме да ја смениме таа формулација пред објавувањето. Ова се нијанси кои, мислам дека вештачката интелигенција сигурно ги пропушта, што значи дека содржината генерирана од вештачка интелигенција сè уште бара ригорозно уредување“.
Сепак, постојат и сценарија каде што машинскиот превод би можел да им помогне на креаторите на културни дела. На пример, за писателите кои работат на јазик кој го зборуваат помалку луѓе, чии дела моментално не се преведени на англиски или на други јазици, преводот со помош на вештачка интелигенција би можел да ги доближи до многу поголем број читатели. Во индустријата за видео игри, локализацијата може да биде една од најголемите трошоци за помалите независни програмери, особено оние чиј мајчин јазик не е англискиот. Преводот на текстот во играта со вештачка интелигенција, теоретски, може да им помогне на тие развивачи да допрат до многу поширока публика и да им овозможи на оние што зборуваат „помали“ јазици подобро да уживаат во нивните игри. Но, дури и овде има очигледни ограничувања.
д-р. Џек Ретклиф, дизајнер и извршен директор на Noun Town, игра за учење јазик со мешан реализам каде играчите шетаат низ виртуелен град и разговараат со локалното население на еден од 40-те поддржани јазици, објаснува: „Ако играте едноставна игра каде што текстот вели: Притиснете лево, десно и A за скок, може да се преведе со машински превод, и одеднаш ќе биде достапен за многу повеќе луѓе на различни јазици“, вели тој. „Но, ако имате каква било нијанса, ликови кои зборуваат и сакате да го пренесете тоа како креатор на играта, би се плашел да користам вештачка интелигенција“.
Noun Town има околу 50.000 линии на дијалози, сите преведени и изразени од луѓе и проверени од професори по јазик. Студиото експериментирало со превод на вештачка интелигенција, вели Ретклиф, и открило дека кога ја користеле вештачката интелигенција за други јазици освен англискиот, резултатот бил значително полош.
„Она што го откривме во нашите тестови е дека англискиот превод е всушност во ред, иако ништо со вештачката интелигенција никогаш не е совршено“, вели тој. „Овие одлични јазични модели научија многу англиски. Кога се преведува на други јазици, особено на помалку популарни, сè станува сè поконфузно“.
Значи, секој развивач на игри што создава игра со многу зборови и дијалог се соочува со високи трошоци за локализација – и претпоставуваме дека значењето и нијансите на тие зборови му се важни, исто како и авторот на книгата.
Кога станува збор за тоа како луѓето гледаат на преводот со вештачка интелигенција, постои јасна разлика помеѓу корисноста и занаетот. Малкумина се противат на користење на вештачката интелигенција на ист начин како речник, за да се разјасни значењето. Но, преведувачите, се разбира, прават многу повеќе од тоа.
„Почнав да ја додавам фразата „рачно изработена без употреба на генеративна вештачка интелигенција“ во моите преводи“, вели Хачисон. „Како преведувачи, мораме да бидеме многу гласни за тоа што вклучува нашата работа во моментов, со оглед на заканите за нашето постоење. Тоа е многу повеќе од само пишување со речник“.


