Предизборната политичка состојба во земјата и евроинтеграциите во фокус на средбата меѓу Џафери и Ќучук

Фото: Влада на РСМ

Напредокот на државата во однос на евроинтеграциите и внатрешно-политичката состојба пред претстојните парламентарни и претседателски избори, беа во фокус на денешната средба на премиерот Талат Џафери и европратеникот Илхан Ќучук, известител во Европскиот парламент за Македонија.

Како што соопштија од Владата, Џафери на средбата порачал дека членството во Европската Унија останува стратешка цел на Македонија, а останува и исполнувањето на обврските кои се дел од преговарачката рамка со Унијата.

Изразувајќи благодарност за досегашната блиска и активна соработка со европратеникот Ќучук во изминатите четири години, премиерот Џафери го нагласи задоволството од поддршката на Ќучук во промоцијата на европското досие на Северна Македонија во Европскиот парламент и неговиот личен придонес во носењето важни одлуки за земјата. Последен успешен пример во таа насока беше процесот на „Дијалогот Жан Моне“, во рамки на кој се одвиваа разговорите за новиот Деловник на Собранието, кој беше усвоен со консензус од пратениците – се вели во соопштението.

Фото: Влада на РСМ

Џафери и европратеникот Ќучук размениле ставови и за постигнатите реформи во државата како и за динамиката на односите на земјите од Западен Балкан со Европската Унија.

Двајцата соговорници се согласија дека продолжувањето на процесот на проширување е во интерес на Европската Унија, а на тој начин државите од Западен Балкан ќе бидат фокусирани на засилувањето во спроведувањето на реформските процеси, се додава во соопштението.

Ќучук истакнал дека земјата и натаму ќе може да смета на неговата поддршка и изразил надеж дека по претстојните избори за пратеници во Европскиот парламент, ќе има можност да продолжи да придонесува за побрза интеграција земјата во ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот