Пред гласањето во Њу Хемпшир: Хејли ја засили кампањата против „старците“ Трамп и Бајден

Некои истражувања укажуваат дека Хејли би имала најголеми шанси против Бајден - Фотографија ЕПА, Мајкл Рејнолдс

„Гранитната“ сојузна држава важи за дом на поумерени републиканци, а на гласањето може да учествуваат и граѓани што не се декларирале како партиски членови, што исто така може да ѝ помогне на Хејли

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп во Ајова освои повеќе гласови од сите противкандидати во трката за претседателски кандидат на републиканците за изборите во ноември.

Во Њу Хемпшир, сепак, тој би можел да загуби од Ники Хејли, која неочекувано беше на третото место во Ајова, заостанувајќи 32 проценти зад Трамп и два зад гувернерот на Флорида, Рон Десантис. Нови анкети покажуваат дека поранешната гувернерка на Јужна Каролина и поранешниот претседател имаат многу поизедначен рејтинг спроти гласањето во „гранитната“ сојузна држава.

На прашањето што очекува во Њу Хемпшир, Хејли одговара: „Добар настап“.

– Сакаме да бидеме силни. Нема да знаеме што ќе биде додека не пристигнат резултатите. Мојата лична цел е да поминам подобро отколку во Ајова – изјави Хејли обраќајќи се на средба во Њу Ингланд колеџот во Хеникер.

Истражувањата укажуваат дека целта ќе ѝ биде остварена. Дали ќе победи е друго прашање. Анкета на Американската истражувачка група покажува дека Хејли и Трамп се изедначени во Њу Хемпшир, со рејтинг од по 40 отсто. Други анкети укажуваат дека таа заостанува 13 проценти зад Трамп.

За во вторник е прогнозирано студено и снежно време во Њу Хемпшир, исто како што беше пред една недела во Ајова, но „гранитната“ држава важи за дом на поумерени републиканци. На гласањето може да учествуваат и граѓани што не се декларирале како партиски членови, што исто така може да ѝ помогне на Хејли.

На предизборните митинзи таа сепак настапуваше одмерено, напаѓајќи ги во исто време и поранешниот претседател Трамп и актуелниот, демократот Џо Бајден. Ако настојува да дојде до Белата куќа, а за тоа не штеди ни енергија ни време ни пари, таа ќе мора да ги совлада и двајцата – едниот до средината на годинава, а другиот во ноември.

Во напад насочен против двајцата, таа игра на картата на нивната возраст.

– Дали навистина сакаме двајца осумдесетгодишници да се борат за претседател кога нашата земја е во хаос, а светот е во пламен? Тие толку многу се под притисок од сопствените истраги и личните проблеми. Потребни ни се луѓе што се целосно посветени, луѓе што ја сакаат Америка, кои разбираат дека кога вашето време изминало, треба да се поместите од патот и да дозволите да настапи лидер од новата генерација – изјави Хејли.

Таа порака е „како скроена“ за Њу Хемпшир, каде што право на глас имаат и независните, за кои е мошне веројатно дека се разочарани и од актуелниот претседател и од неговиот претходник.

Аналитичарите внимателно го следеле секој збор на Хејли на големиот собир. Иако ѝ поставувале повеќе прашања за Трамп, таа го спомнала неговото име 12 пати, Бајден го спомнала 20 пати, а другиот противкандидат Десантис, кој освои повеќе гласови од неа во Ајова – ниту еднаш.

Поранешната гувернерка е охрабрена и од анкетите дека во завршната битка со Бајден во ноември, таа би имала поголеми шанси отколку Трамп и Десантис.

Право на глас во Њу Хемпшир имаат и непоределените – Фотографија ЕПА, Мајкл Рејнолдс

Токму затоа таа е главната цел на кампањата на Трамп. Тој избегнува директни соочувања со противкандидатите, но неодамна прошири лажна вест дека Хејли нема право да биде во претседателската трка зашто „нејзините родители не биле американски државјани кога таа се родила“. Вистината е дека Хејли е родена во Бамберг, во Јужна Каролина.

– Го познавам добро претседателот Трамп. Тој така прави кога се чувствува загрозен. Така прави кога е несигурен – одговара поранешната гувернерка.

Лажното обвинување на Трамп потсетува на периодот од неговата кампања пред да победи на изборите. Тој тврдеше дека ни Барак Обама не можел да биде претседател бидејќи не е роден во САД, иако е роден на Хаваи.

Слично како и Обама, и Хејли е од семејство на имигранти – од Индија. Таа е родена како Нимарата Хејли, а Ники ѝ е средното име. На секое погрешно и намерно спомнување на нејзиното име, таа возвраќа дека „нема да троши енергија да одговара“.

– Ништо не сфаќам лично, тоа воопшто не ме погодува. Ќе продолжам да се фокусирам на работите за кои луѓето сакаат да разговараат и нема да влегувам во играта на имиња со него – вели Хејли.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот