Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Пратеник од власта поддржа повисока минимална плата, вели и дека би гласал да се внесат Бугарите во Уставот

Пратеникот на ЗНАМ, Миле Цеков, на седницата на Комисијата за финансирање и буџет го поддржа предлог-законот за зголемување на минималната плата, иако сите други пратеници од владејачкото мнозинство гласаа против предлогот, поднесен од опозицијата. Цеков одлуката ја објасни како израз на лична доследност и исполнување на ветувањата што неговата партија ги даваше во кампањата во 2024 година.

Пратеникот оцени дека минималната плата треба да се зголеми и надвор од постојното законско решение, нагласувајќи дека Македонија има пониска минимална плата од повеќе земји во регионот. Според него, не е логично земјата да остане симбол на евтина работна сила, ако веќе се говори за економски раст и подобри макроекономски показатели. Ако државата се пофали со раст на БДП, тогаш тој раст мора да се почувствува и во џебот на оние што живеат од најниските плати, вели Цеков.

Но, ова не е единствениот негов став кој се разликува од позициите на неговата партија и на владејачката коалиција – тој денеска во емисијата „Студио 10“ на телевизијата „24“ изјави дека лично нема ништо против внесувањето на Бугарите во Уставот. Тој порача дека не само што нема отпор кон уставните измени, туку и дека би гласал за нив, што е спротивно на ставовите на претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски.

„Немам ништо против и да гласам за уставните промени. Јас лично немам ништо против тоа бугарскиот етникум да се внесе во Уставот – ние не губиме ништо од тоа. Исто така имам забелешки кон одредена реторика и наратив кон нашите соседи, сметам дека тоа е погрешен пристап. Треба да се пристапи кон дијалог и разговор, затоа што тие ни се први соседи и први соработници“, изјави Цеков.

Димитриевски во кампањата бараше внесувањето на Бугарите, заедно со Хрватите и Црногорците, во преамбулата на Уставот, да се изведе со одложено дејство, односно да важи дури кога Македонија ќе стане полноправна членка на Европската Унија. Наспроти ова, Цеков се залага за пристап кој го нарекува „попрагматичен и похрабар“ во овој момент.

„Јас имам малку поинаков став. Доколку постојат реални пречки по идентитетски или други основи, согласно Уставот, со 81 пратеник можеме да ги стопираме. Се прашувам: која е другата алтернатива? За да има промена, преговарачката рамка треба да ја согласат сите 27 земји членки. Дали ќе се согласат? Не знам, бидејќи нашите партнери ветуваат дека ќе има промена на преговарачката рамка, но не знам дали е изводливо. Тука се поставува прашањето што правиме понатаму, затоа што и младите се прашуваат: до кога ќе бидеме во ваква состојба?“, рече Цеков.

На Филипче не му подготвуваат пуч, но спас му нема!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот