Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржат четири од петте донесени уредби

Фото: МИА

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска на координација која ќе се одржи во Собранието околу 11 часот ќе донесе конечна одлука како ќе гласа за уредбите донесени од страна на претседателот Стево Пендаровски.

Според неофицијални информации, опозициската партија, најверојатно ќе поддржи четири од петте донесени уредби. Според нашите извори се ќе зависи од денешната средба на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преовладал ставот уредбите да не бидат поддржани, во ВМРО-ДПМНЕ велат дека тоа ќе биде поради тоа што биле злоупотребени од Владата за изборен поткуп, набавки во 4 очи и потреби кои не се поврзани со ковид кризата.

Спикерот Талат Џафери ја закажа собраниската седница за денеска во 11 часот. На неа се петте уредби, што шефот на државта ги донесе поради корона вирусот.

Повикувајќи се на своите уставни надлежности и на уставните одредби за прогласување вонредна состојба, шефот на државата на 18 март ја донесе првата одлука за постоење на вонредна состојба, откако претходно Владата достави предлог за прогласување на ваква состојба. Одлуката, како што е и пропишано во Уставот, е со важност од најмногу 30 дена. Тогаш Пендаровски рече дека со самиот факт што првпат се прогласува вонредна состојба говори за сериозноста на ситуацијата и ги повика гераѓаните на сплотеност.

Но, поради тоа што македонското собрание беше распуштено поради предвремените парламентарни избори, донесените уредби не можеше да ги потврди. Истата судбина ја доживеаја и останатите 4 последователни уредби, донесени во изминатите неколку месеци.

Според Уставот, постоењето на вонредна состојба на територијата на Македонија или на нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници. Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.

При постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Вонредна состојба, се пропишува понатаму во Уставот, настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.

Втората вонредна состојба беше донесена на 16 април, третата на 16 мај, четвртата на 30 мај и петата на 15 јуни оваа година. За да бидат изгласани потребно е двотретинско мнозинсатво.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот