Познати оперски арии изведени на лимени дувачки инструменти ќе прозвучат на „Опера Брас“

Љубителите на звукот на лимените дувачки инструменти на 20 мај (петок), со почеток во 20 часот, во малата сала на НУ Филхармонија ќе можат да уживаат во настапот на ансамблот „Б.Ц. Брас“ (Balkan Connection Brass).

Ансамблот ќе настапи со својата нова програма насловена како „Опера Брас“, која ќе ѝ овозможи на публиката да ги слушне најпознатите оперски арии и увертири изведени со сосема поинаков, лимен звук. На програмата се дела од Пучини, Моцарт, Верди и Бизе.

Ансамблот „Б.Ц. Брас“ е составен од најдобрите музичари на лимени дувачки инструменти од Словенија, Хрватска и Србија, кои имаат долгогодишно искуство во камерното, оркестарското и солистичко музицирање.

– Овој состав од самиот свој почеток се обидува да наметне висококвалитетни изведби на едни од најсложените предизвици во камерното музицирање за брас квинтет. Своето знаење, членовите на овој состав го имаат стекнато преку усовршување на најпрестижните музички факултети во Европа и пошироко, кај едни од најпознатите педагози за лимени дувачки инструменти, освојувајќи повеќе награди на реномирани музички натпревари. „Опера Брас“ е најава за она што нѐ очекува на второто издание на „Скопје Брас Фестивал“, денови исполнети со добропознатиот звук на лимените дувачки инструменти и прославување на брас-културата – изјави Александар Ниниќ, претседател на „Макбрас Асоцијација“ и организатор на „Скопје Брас Фестивал“.

Влезот на концерот е бесплатен и поканети се сите кои сакаат да го збогатат и освежат своето секојдневие со нешто ново и, секако, да уживаат во квалитетна музика.

Капацитетот на салата е ограничен до 300 лица и вратите ќе бидат отворени до пополнување на капацитетот. Настанот е поддржан од Министерството за култура, Град Скопје и „Макбрас Асоцијација“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот