Повторно судење за убиството во Ѓ. Петров во 2014 година: Родителите на покојниот Ангел Петковски одново сведочеа против обвинетиот Насер Ештрефи

По рочиштето за воведни зборови, во Кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето против Насер Ештрефи кој е обвинет дека во мај во 2014 година во населбата Ѓорче Петров го лишил од живот Ангел Петковски. Овој предмет, со одлука на Врховен суд на РСМ, е вратен на повторно одлучување.

За настанот, пред кривичниот совет, по втор пат исказ даде мајката на починатиот Ангел Петковски, Благица. Дента на настанот, како што истакна Благица, била на работа и малиот син преку телефон ја информирал дека точакот им е украден.

– Воедно, и една пријателка ми се јави и ми кажа дека Ангел, е прободен со нож. Потоа со точак од работа тргнав кон дома, односно заминав на местото на настанот. Ми кажаа дека Ангел бил однесен во болица. Од гужвата некој зборуваше за ножот, слушав многу гласови, вриштења, рече сведокот Петковска.

Таа уште додаде дека и сега се чувствува многу лошо и дека нејзиниот син  Ангел бил примерно момче.

Таткото на  починатиот Ангел, Сашо Петковски, кој бил на лице место кога обвинетиот Ештрефи, го прободел неговиот син, истакна дека бил многу револтиран за кражбата на велосипедот и затоа двајцата  тргнале по потрага на точакот.

– Заедно со Ангел со кола тргнавме да го пресретнеме кај очната болница. Нашата цел беше да го најдеме точакот. По пат баравме, но не го видовме велосипедот. Тргнавме кон мостот на реката Вардар. Со голи раце тргнавме од дома. Потоа Ангел ми рече „татко ова е лицето што го украде точакот“. Тој потоа се фати на појасот, го извади ножот и го прободе Ангел. Јас потоа со дрво го удрив, а тој побегна заедно со ножот. Потоа се упатив кон очната болница да барам прва помош, рече сведокот Сашо Петковски.

На денешното рочиште за овој предмет сведочеше и друго лице кој на денот на немилиот настан шетал со семејството кога видел група на луѓе, односно тепачка.

Повторната постапка против обвинетиот Насер Ештрефи ја води судијката Дијана Груевска Илиевска. Како застапник на обвинението е обвинителот Дарко Јакимовски.

Во образложението на  одлуката на Врховен суд на РСМ, се вели дека во доказната постапка има недостатоци и затоа случајот се враќа на повторно одлучување. Следното рочиште за овој предмет е закажано на 15 декември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот