Венко Филипче, лидер на СДСМ

СДСМ се повлекува од Комисијата за финансирање и буџет, Филипче најави и кривична пријава и интерпелација за Гаши

Пратениците на СДСМ ќе се повлечат од собраниската Комисија за финансирање и буџет, а ќе поднесат и кривична пријава и интерпелација за претседателот на Собранието Африм Гаши, соопшти денеска на прес-конференција лидерот на партијата Венко Филипче. Причината за повлекувањето на пратениците од собраниската комисија, како што наведе Филипче, е огромното задолжување на Владата која „ја турка земјата во должничко ропство“.

– Секојдневно гледаме како владата на Христијан Мицкоски ја турка земјата во должничко ропство. Последниот предлог е да се земат 300 милиони евра од банки, но банките на Владата не ѝ ги дозволија, што укажува на веќе постоечки сомнежи во нашиот кредитен рејтинг. Имено, конзорциум на банки дозволи кредит од само 260 милиони евра, со ужасно голема каматна стапка од близу 4,5 отсто. Првото прашање што се поставува е: каде одат овие пари? Нема редовна исплата на плати по јавните институции. Нема ниту размислување, а камоли најава за зголемување на минималната плата. Се доцни со социјалните трансфери, се доцни со повратот на ДДВ кај компаниите кои се месечни и тримесечни обврзници. Вкупната сума на пари што оваа Влада им ја должи на компаниите за поврат на ДДВ изнесува близу 200 милиони евра. Овие пари одат само за партиски тендери. И тоа е единственото нешто што добро функционира кај оваа власт – изјави Филипче.

Според него, вкупниот долг на државата се зголемува опасно, за две милијарди евра за само две години.

– Вкупниот долг, кој беше 8,5 милијарди евра во 2024 година, сега е близу 11 милијарди евра. Се поставува прашањето: има ли оваа власт компас? Има ли идеја, има ли визија каде и како ја води државата? Нашата пратеничка група нема да учествува во ова брутално, секојдневно задолжување на земјата за огромни суми, стотици милиони евра, милијарди евра пари, кои не одат никаде, освен строго контролирано во партиските фирми преку тендерските постапки. Ние нема да учествуваме во комисиската расправа на оваа тема и целосно се повлекуваме од неа – дециден беше лидерот на СДСМ.

Тој укажа на уште еден, како што рече, скандал, кој не е нов и кој спикерот Африм Гаши континуирано го спроведува.

– Дополнително, сакам да укажам на уште еден скандал. Скандал кој не е нов и кој претседателот на Собранието веќе континуирано го спроведува, а тоа е дека, кршејќи го Деловникот, закажува состанок на Комисијата за финансирање и буџет — комисија што ја води нашата пратеничка Сања Лукаревска — и покрај тоа што таа е тука и не е отсутна, а Деловникот тоа не го дозволува. Кога пратеникот е тука, тој задолжува друг пратеник да ја води оваа комисија. Имајќи предвид дека ова е веќе пракса на претседателот на Собранието, Африм Гаши, и со тоа го крши Деловникот, најавуваме дека ќе поднесеме кривична пријава и интерпелација за претседателот на Собранието – изјави Филипче.

ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Фатмир Битиќи: Никогаш досега немало толкава беспарица во државната каса

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот