Музичарите ја бојкотираат Евровизија - Фото: Инстаграм/ nomusicforgenocide

Повеќе од 1.100 светски музичари повикуваат на бојкот на Евровизија: „Нема сцена за геноцид“

Повеќе од 1.100 уметници од целиот свет повикаа на бојкот на Евровизија поради учеството на Израел во музичкото натпреварување. Меѓу потписниците на отвореното писмо се и познати имиња како „Масив Атак“, Питер Габриел, Роџер Вотерс и Брајан Ино, како и бројни други музичари и поранешни учесници на Евровизија, пренесува „НМЕ“.

Писмото, објавено од иницијативата „Нема музика за геноцид“, остро се спротивставува на, како што се наведува, користењето на Евровизија за „перење на угледот и нормализирање на израелскиот геноцид, опсадата и бруталната воена окупација врз Палестинците“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by @nomusicforgenocide

Потписниците повикуваат јавни радиодифузери, изведувачи, организатори на јавно емитување, технички екипи и публика да одбијат учество и поддршка на Евровизија сè додека Европската радиодифузна унија не го забрани учеството на Израел, слично како што беше направено со Русија по инвазијата врз Украина во 2022 година.

Во писмото се нагласува солидарност со палестинските повици за бојкот и се истакнуваат ставовите „одбиваме да молчиме“ и „одбиваме да бидеме соучесници“, додавајќи дека постојат моменти кога тишината не е опција.

По одлуката на Европската радиодифузна унија да му дозволи на Израел учество, и покрај тековниот конфликт во Газа, неколку земји се повлекоа од натпреварот. Меѓу нив се Шпанија, Ирска, Исланд, Словенија и Холандија, додека дел од учесниците во националните избори најавија дека ќе одбијат настап доколку победат.

Уметниците во писмото го критикуваат, како што велат, двојниот аршин на организаторите, потсетувајќи дека Русија беше исклучена од натпреварот со образложение дека нејзиното учество би го нарушило угледот на Евровизија.

„Повеќе од 30 месеци геноцид во Газа, заедно со етничко чистење и одземање земја на Западниот Брег, не се сметаат за доволна причина за примена на истата политика врз Израел“, се наведува во писмото.

Дополнително, се посочува дека израелскиот претседател Исак Херцог водел интензивна дипломатска кампања зад сцената со цел да обезбеди поддршка за учеството на Израел. Според некои европски претставници, процесот бил нетранспарентен и под политичко влијание.

Потписниците истакнуваат и дека бројни меѓународни организации за човекови права, вклучително и „Амнести интернешнл“, како и експерти за геноцид, укажале на сериозни прекршувања во Газа.

Иницијативата нагласува дека Евровизија ја следат повеќе од 160 милиони гледачи и предупредува дека натпреварот не смее да се користи како средство за политичка пропаганда.

„Бојкотот не е насочен против музиката, туку против злоупотребата на културата за прикривање на злосторства“, се вели во пораката.

Организаторите на кампањата ги повикуваат и другите уметници, бендови и културни работници да се приклучат на иницијативата и да не дозволат музиката и културата да се користат за, како што велат, промоција и нормализирање на насилството.

Овогодишната Евровизија треба да се одржи во Виена на 16 мај, по победата на пејачот  Џеј Џеј со песната „Потрошена љубов“, додека дебатите околу учеството на Израел продолжуваат да предизвикуваат силни реакции во јавноста.

Писмото во целост можете да го прочитате тука.

Одлуката е донесена: Израел ќе учествува на Евровизија 2026 година

Следното издание на Евровизија со најмал број учесници од 2004 година, ќе настапат само 35 земји

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот