Посреќна Нова 2026 година
На прагот на надоаѓачката 2026 година, како што е ред, сите ние правиме некаква ретроспектива на изминатата година, обидувајќи се да бидеме ербап и да ја надмудриме идната година со нам познати трикови, но како и секој коцкар кој верува во своите карти дека се добитни, така и ние одиме на all in – и по правило стремиме кон пропаст.
Препорачано
Како општество во кое насмевката стана ендемска појава а барањето производи по рафтовите на маркетите поевтини за неколку денари – темен национален спорт без верско или национално знаме на репрезентацијата составена од сиромашни граѓани, единствена константа и извесност на нашето секојдневие е дека сонцето наутро изгрева а навечер и тоа се крие од нас. Не е мала работа да се биде сонце, тоа е ѓаволска работа. Ниту нему не му е лесно, на јасен ден и светлина, сѐ се гледа и сѐ е јасно. Ноќта е потребна за темните и сомнителни ликови, на дамите на ноќта и нивните зделки. Светлината на денот е безобразно искрена. Таа нѐ прашува дали сме подготвени, туку едноставно паѓа врз нас и нашите (не)дела, врз улиците, лицата, и ги осветлува внимателно навидум сокриените тајни на нечесноста.
Затоа, некои луѓе ја избегнуваат. Не затоа што не ја сакаат светлината, туку затоа што не се сигурни дали сакаат да се видат себеси во полно светло, што не е баш за гледање. Во темнината, сè изгледа попростливо, лагите се помеки, а компромисите личат на мудрост и божја промисла. Уште подобро ако има кој да ги „купи“. Светлината на денот е опасна и за илузиите. Таа ги разоткрива големите зборови наменети на малите животи, и големите ветувања што одамна се претвориле во изговори. Во мракот можеш да бидеш што сакаш – од властодржец, битен тип во маало, херој, поет или дежурен демагог. Сѐ е дозволено.
Таму пристојниот, работлив свет не припаѓа. Тој е уморен од светлината на денот, од сѐ што видел и преживеал, до новото утре. На пристојниот, работливиот човек во нашето општество дури и ноќта не му нуди оддишка од изминатиот ден, во сништата го бркаат архинепријатели, извршители и банкарски кол центри за наплата на кредити, стравот од сѐ по извесната сиромаштија, возови во темни тунели без крај. На дневна светлина, остануваат само луѓе со сметки, обврски и неколку пропуштени шанси. Па забога, како да ја пречекаме новата 2026 година кога претходнава не ни влеа надеж за подобро утре – напротив – ни нудеше безнадежност во вид на оптимистични разноразни фрази, флоскули и бројки во кои ние „на прва“ требаше да поверуваме и веднаш да станеме среќни? Не оди тоа така.
Нашиот народец среќата лесно ќе ја препознае и следствено ќе ја воспева секоја власт во моментот кога ќе го отвори дома фрижидерот полн со животни намирници, кога нема да се капе во зора поради евтина струја, кога ќе живее достоинствено ослободен од разни стравови кои општеството му ги наметнува без разлика дали станува збор за мигранти, марсовци, економска криза, ЕУ, Русија, бугарите и слично. Без слобода, среќата станува привид, а животот – ограничена форма на постоење. Звучи сувопарно но вистинито.
За почеток, драги наши читатели, да ја сочуваме слободата ослободувајќи го умот и престанете да употребувате еуфемизми за луѓето и појавите околу вас, дајте им го името или именката на појавите околку вас што ги заслужуваат, без разубавување. Доколку некој нешто украл, тој не се „снашол“ – тој е крадец, оној што не знае да сочува детали од доверлив разговор, тој не е добро информиран, туку неморална опортунистичка протува, и тн. Не размислувајте и не говорете во ракавици. Вашиот глас е и нашиот!
Во тоа име, редакцијата на СЛОБОДЕН ПЕЧАТ искрено Ви посакува среќна 2026 година во која очекуваме многу повеќе од 2025 година која нѐ остави „на чекање“.
Мирослав Јовановиќ, медиа директор на СЛОБОДЕН ПЕЧАТ


