Поскапеа такси-услугите во Охрид и Куманово, во Скопје веќе се вози по повисока тарифа
Зголемените трошоци за работа, повисоката минимална плата, скапото гориво и сè поскапото одржување на возилата, веќе ја туркаат цената на такси-превозот. По Охрид, таксито ќе стане „изгор“ и во Куманово. Иако стигнуваат барања од некои индивидуални превозници, сепак во Скопје нема да има дополнително поскапување, бидејќи таксистите во главниот град веќе возат по највисоката тарифа, усвоена уште во 2022 година.
Војната на Блискиот Исток ги зголеми цените на нафтата и доведе до блокада на Ормускиот Теснец, клучна точка низ која поминуваат околу 20 отсто од глобалните испораки на нафта и течен природен гас. Со ова, поскапи сѐ, вклучително и горивото, резервните делови и сервисот за такси-возилата.
Препорачано
Превозници со кои разговараше „Слободен печат“ сметаат дека такси-услугата во Скопје треба да поскапи за да можат таксистите да ги подмируваат давачките. Тие се повикуваат на случувањата во Охрид, каде што Советот донесе одлука за нови цени од 6 мај, при што стартната цена останува 50 денари, но секој изминат километар ќе се наплаќа по 50 денари. Во ноќниот период стартот е дури 100 денари, што е скок од над 50 отсто. Корекција на цените е извршена и во Куманово. Таму ќе се наплаќа 100 денари за првите два километри, а секој нареден – по 40 денари.
Во Охрид паркингот поскапува за 30 отсто, такси превозот станува изгор
Од друга страна, Сашо Рајчановски, претседател на Групацијата на авто-такси превоз на Град Скопје, вели дека скопските таксисти веќе возат по повисока тарифа. Станува збор за покачување од пет денари за километар, предвидено уште од 2022 година, а кое сега во последниве месеци се применува поради ценовните шокови.
– Во 2022 година, кога ја менувавме цената на такси-превозот, тогаш ставивме три тарифи. Едната е доколку цената на горивото значително падне – практично цените од пред 15 години. Втората тарифа ја употребувавме од 2022 година, кога имаше инфлација, а третата е ако цените на горивото дополнително растат, што е случајот во изминатиов период. Тарифите веќе неколку години се поминати на Советот на Град Скопје, не се новитет, важат и денеска – посочува Рајчановски за „Слободен печат“.
Како што објаснува тој, првата тарифа предвидувала стартна цена од 40 денари и 25 денари по километар, втората е 50 со 30, додека третата, моментална тарифа по која возат таксистите е старт 60 со 35 денари за изминат километар.
Оттука, според него, нема простор за дополнително покачување во Скопје по примерот на Охрид и на Куманово, бидејќи економската ситуација и растот на цените на нафтата и на производите веќе се „пресметани“ во тарифникот.
– Можеби оваа цена некому му е мала, но таа е веќе предвидена поради заштита од вакви ситуации. Тоа е минимално покачување, но, со оглед каков е стандардот на граѓаните, не можеме да одиме уште погоре. Ако одиме, кој тогаш ќе се вози во такси? Да, такси-трошоците можеби диктираат уште поскапа тарифа, но мораме да се држиме до усвоеното, бидејќи знаеме каде и како живеат граѓаните. Веруваме дека горивото нема да оди уште нагоре, ќе се стабилизира или ќе почне да паѓа. Затоа, нема потреба за покачување, а и нема такво барање од такси-компаниите во официјалните меѓусебни разговори – нагласува Рајчановски.
Лиценцираните таксисти чекаат подобри услови
Скопските таксисти веќе изготвија решение за главните предизвици во такси-дејноста (проблеми со жолтите таблички, такси-возила без лиценци, без фискални таксиметри, непријавени такси-возачи, необоени такси-возила). Решението веќе му го презентираа на градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Барањата се пратени на средината на февруари 2026 и до Секторот за сообраќај, Инспекторатот на Град Скопје и до Советот.
– Испративме барања, со цел сите да знаат кои ни се проблемите, но и како тие да се решат. Исто така, нагласивме колку пари се губат со тоа што не се решаваат – шест милиони евра годишно. Тоа е минимум! Оттука, чекаме да се реши ситуацијата. Не сакаме да водиме политика, само укажавме на тековните состојби. Сакаме да има брз, безбеден и европски такси-превоз, во интерес на сите, и на таксистите и на граѓаните – констатира Рајчановски.
Низ Скопје возат околу 4000 таксисти, од нив само 200 се вработени: Ќе се реши ли хаосот?


