Посетителите ги јаваат диносаурусите за да се фалат на социјалните мрежи

Дино парк / Фото: Слободен печат, Драган Митрески

Од Зоолошката градина апелираат до родителите при посета да внимаваат на своите деца бидејќи, како што велат од таму, заштитните огради со јажиња се ставени за да може да се видат диносаурусите одблизу, но не и да се прескокнуваат и да се оштетува Дино-паркот.

Новоотворениот Дино-парк во Скопје е едно од најпосетуваните места во градот во изминатите неколку денови. Сепак, глетката во паркот воопшто не е онаква на каква што се надеваа надлежните. Дел од љубопитните деца заедно со своите уште пољубопитни родители, ја користат секоја можност додека се во паркот за да се приближат до диносаурусите и да им ги допрат главите, забите. Некои се обидуваат да им извлечат заб, да откорнат малку земја од „вулканот“ кој е поставен таму, а за подобра фотографија што подоцна ќе ја објават на социјалните мрежи, неретко ги качуваат и децата на грбот на диносаурусите и така ги сликаат, фалејќи се притоа на социјалните мрежи колку убаво си поминале при посетата на Дино-паркот.

За состојбата да биде уште полоша, голем дел од растенијата и дрвцата што беа засадени за да го раззеленат просторот, се изгазени во обид луѓето да се приближат што е можно поблиски до диносаурусите. Состојбата оди дотаму што на социјалните мрежи деновиве кружат и фотографии од деца посетители на Дино-паркот како уринираат врз засадените грмушки. Лошата хигиена е нешто што исто така привлекува внимание при посетата на паркот. Иако кантите за отпадоци се исчистени, несовесните посетители ги расфрлаат отпадоците насекаде, нагрдувајќи ја уникатноста на Дино-паркот.

– Заедно со семејството го посетивме Дино-паркот, но, за жал, бевме разочарани од несовесноста на дел од посетителите. Вработени во зоолошката ставаа дополнителни јажиња за да се спречи или, пак, да се намали пристапот до некои диносауруси што им беа најинтересни за допирање на посетителите. Забележав, исто така, како се газат грмушките за да се стигне до јајце или до диносаурус. Мора да има казни за несовесните посетители, во спротивно сето она што е направено таму, ќе биде уништено за многу кратко време – раскажува посетителка на Дино-паркот.

Сепак, иако огромен број граѓани го осудуваат ваквото однесување на поединци во Дино-паркот, има и такви што мислат дека желбата да се допираат животните е поттикната од надлежните, кои за време на отворањето на ова ново место во Скопје, постојано ги допираа диносаурусите, нешто што сега во реалноста го практикуваат и посетителите.

И од Зоолошката градина излегоа со апел до посетителите да внимаваат, да не ги оштетуваат и да не ги допираат поставените диносауруси, но и да внимаваат на засаденото зеленило.

– Апелираме до родителите при посета да внимаваат на своите деца. Заштитните огради со јажиња се ставени за да може да се видат диносаурусите одблизу, но не и да се прескокнуваат и да се оштетува Дино-паркот. Сите заедно треба да ја поткреваме свеста, а најмалите да ги учиме на совесно и културно однесување. Возрасните се оние што треба да дадат пример со своето однесување, култура и воспитување, а не да ги поттикнуваат децата да се однесуваат несовесно и да се уништи она што е направено за нивна радост – велат од Зоолошката градина, од каде што информираат дека покрај домашните посетители, секојдневно има и туристи од регионот во новата атракција чиј влез е од Градски парк.

Во Дино-паркот во Скопје се поставени 41 фигура од диносауруси во природна големина на површина од 2.000 метри квадратни. Посетителите во природна големина можат да видат тираносаурус, стегосаурус, алосаурус, како и поставки со мали диносауруси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот