Дидие Рејндерс/Фото: EPA-EFE/VIRGINIA MAYO / POOL

Поранешниот потпретседател на белгиската влада обвинет за перење пари

Поранешниот потпретседател на белгиската влада и поранешен европски комесар за правда, Дидие Рејндерс, денес беше официјално обвинет за перење пари и други можни кривични дела, објавија белгиските медиуми.

Обвинението против Рејндерс беше поднесено откако на 16 октомври беше сослушан пред истражниот судија Оливие Леру, кој процени дека постојат „сериозни индикации за вина“, објави „Бриселс тајмс“.

Поранешниот европски комесар не е приведен, објави веб-страницата „Следете ги парите“, повикувајќи се на извор запознаен со случајот.

Истрагата, која трае повеќе од една година, е фокусирана на потеклото на речиси еден милион евра што поминале низ сметките на Рејндерс.

Обвинителството се сомнева дека помеѓу 2008 и 2018 година, тој испрал околу 700.000 евра преку својата лична банкарска сметка, а потоа дополнителни 200.000 евра со купување големи количини лотариски ливчиња, чии добивки ги префрлил на истата сметка.

Претресите во неговата куќа беа спроведени во декември 2024 година, само неколку дена по завршувањето на неговиот мандат како европски комесар за правда.

Рејндерс, кој беше министер за финансии на Белгија од 1999 до 2011 година, а потоа министер за надворешни работи до 2019 година, беше европски комесар за правда од 2019 до 2024 година.

Според белгиските медиуми, истражителите ја проверуваат и неговата банка, ING Belgium, поради сомневања дека не ги следела соодветно сомнителните трансакции.

Во претходно соопштение, банката нагласи дека „борбата против финансискиот криминал е еден од нејзините главни приоритети“.

Не е познато од каде се парите што се предмет на истрагата, а Рајндерс, според извори блиски до истрагата, изјавил дека средствата доаѓаат од продажба на уметнички дела и антиквитети.

Доколку обвинителството одлучи да покрене обвинение, за да се започне судењето ќе биде потребна согласност од еден од домовите на белгискиот парламент.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот