Порака на иранскиот претседател Рохани: Подготвен сум за соработка со Џо Бајден

Фото: EPA-EFE/PETER KLAUNZER / POOL

Иранскиот претседател Хасан Рохани денеска изјави дека е подготвен да соработува со новоизбраниот американски претседател Џо Бајден.

– Наша цел е да го отстраниме товарот на американските санкции од рамениците на иранскиот народ. Таа цел е во согласност со националните интереси, рече Рохани во говор емитуван на државната телевизија.

Тој додаде дека Иран е подготвен за преговори со САД, под услов Бајден да се врати на нуклеарниот договор од 2015 година и да ги укине санкциите воведени од претседателот Доналд Трамп.

– Треба да сториме сè за да ги вратиме нашата земја и луѓето во времето меѓу 2016 и 2017 година. По нуклеарниот договор и укинувањето на санкциите кога Иран доживуваше економски раст, рече Рохани.

Тој, исто така, ги повика своите противници да не се мешаат во овие цели. Иранските тврдокорци се противат на прозападната политика и нуклеарниот договор на Рохани и навиваа за победата на Трамп, потсетуваат светските агенции.

Трамп во 2018 година ги повлече САД од нуклеарниот договор кој требаше да ја ограничи нуклеарната програма на Иран и да го спречи Техеран да создаде атомски бомби, во замена за укинување на меѓународните санкции.

Тој воведе нови санкции за Иран, туркајќи ја земјата во најтешката економска криза во историјата, која дополнително ја влоши и пандемија на коронавирусот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот