Поради лажен сертификат по англиски од Бугарија, Севдије Коџа ќе биде сменета од директорка на Општа болница Дебар
Актуелната директорка на Општата болница Дебар, Севдије Коџа, ќе биде разрешена поради тоа што имала фалсификуван сертификат по англиски јазик од правниот субјект „Јулиа Цо. ЛТД“ од Пловдив Бугарија, потврдуваат за „Слободен печат“ извори од Министерството за здравство, блиски на министерот за здравство. Се чекало тој да се врати од пат за да биде комплетиран процесот и да се најде кандидат кој ќе биде соодветна замена за директорката.
Инаку, таа со признание на вина е осудена на условна казна, која нема да се изврши ако 4 години не изврши ново кривично дело.
„Признавам дека беше грешка. Не бев свесна за таа грешка затоа што од мене се бараше да бидам шест месеци в.д. директор на Општата болница Дебар. Се каам за стореното и нема да ми се повтори“.
Ова биле завршните зборови на директорката на дебарската болница, Севдије Коџа, кои ги дала во суд кога признала вина дека за да стане директорка приложила фалсификувана диплома за наводно познавање на англиски јазик за TOEFL iBT (Test of English as a foreign language), издадена од правниот субјект Julia Co. LTD од Пловдив, Бугарија. Пресудата дека е виновна за фалсификување исправа е донесена на 4 октомври годинава.
Истиот ден, на 4 октомври заедно со директорката на дебарската болница, вина за фалсификување на ист ваков сертификат по англиски, признала уште една поранешна директорка на училиште во скопската населба Драчево (Т.К.).
Ваквите фалсификувани сертификати деновиве се предмет на голем интерес од јавноста. Двете осудени директорки не се единствените што имале сертификат за познавање англиски на кој се појавувало името на правниот субјект Julia Co. LTD.
Директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски кога аплицирал за избор на асистент на Факултетот за безбедност, исто така приложил диплома за положен ТОЕФЛ од правен субјект Julia Co. LTD. Не е проверено дали се работи за истата фирма од Пловдив или за друга.
Од пресудата на двете директорки до која дојде „Слободен печат“, евидентно е дека судот не се занимавал со тоа од каде на две различни директорки во два различни градови Скопје и Дебар, сертификатите им биле фалсификувани баш со злоупотреба на името на една фирма оддалечена стотици километри од Македонија, во соседна Бугарија. Дали во Македонија има мрежа за издавање вакви лажни сертификати за ТОЕФЛ со цел именувани лица формално правно да ја задоволат законската обврска да приложат уверение за познавање англиски јазик, е прашање на кое оваа пресуда не дава одговор. Но, зачестуваат пријавите со името на „Јулија“ Co. LTD Пловдив, Бугарија на сертификати кај директори од различни градови во Македонија, а неофицијално дознаваме дека до Обвинителството деновиве е доставена уште една пријава за да се испитува баш диплома по англиски на овој правен субјект, кај сосема трета директорка.
Двете директорки на дебарската болница и на училиштето во Драчево, по признанието на вина се осудени на 2 години условна казна.
Во периодот од 28.12.2022 година до 18.01.2023 година во Скопје обвинетата Т.К. употребила како вистинска лажна исправа – сертификат за познавање англиски јазик од училиште за јазици „Јулија“ ЦО. ЛТД од Пловдив Бугарија, и ETS TOEFL iBT test taker score report од 03.12.2022 година, иако такви исправи не биле издадени, на начин што најнапред ги превела кај овластен судски преведувач, а потоа ги употребила како доказ дека има познавање на англиски јазик и поседува сертификат TOEFL iBT при нејзиното аплицирање на јавен оглас за избор на директор на основно училиште во Драчево од 28.12.2022 година, кое што било еден од условите за избор на огласот, по што истата била именувана за директор со решение од 18.01.2023 година.
За другата директорка на дебарската болница пак, во пресудата се објавува дека е огласена за виновна со признание на вина затоа што на 14.07.2023 година употребила како вистинска лажна исправа, сертификат за познавање англиски јазик од училиште за јазици ЈУЛИЈА ЦО. ЛТД од Пловдив, Бугарија и ETS TOEFL iBT test taker score report од 26.11.2022 година иако такви исправи не биле издадени, на начин што како доказ дека има познавање на англиски јазик и поседува сертификат TOEFL iBT ги употребила при нејзиното аплицирање на Конкурс за именување на директор на Општа болница со проширена дејност Дебар од 29.06.2023 година кое што било еден од условите за избор на конкурсот по што истата била именувана за директорка со решение од Министерството за здравство од 11.09.2023 година.
Со горните дејствија двете директорки сториле по едно кривично дело фалсификување исправа.
Судот им ги одзел сертификатите за познавање англиски јазик кои биле лажни, бидејќи се предмети кои настанале од извршување кривично дело.