Поповска поднесе иницијатива до Уставен суд за оцена на законитоста на Протоколот со Бугарија
Поранешната пратеничка и поранешна претседателка на ДОМ, Лилјана Поповска поднела Иницијатива до Уставен суд за оцена на уставноста и законитоста на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија од 17 јули 2022 година во Софија.
Препорачано
Поповска потенцира дека Протоколот е правен акт потпишан од министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, врз основа на членот 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
-Предлагам донесување одлука за негова ништовност, поради прекршување на 14 членови од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори, 2 члена од Законот за надворешни работи и 3 члена од Уставот. Меѓу прекршените членови од Уставот е и членот 8 за темелните вредности на уставниот поредок, во делот за основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, наведува Поповска.
Според Поповска, Протоколот ја нема поминато легалната процедура за негово договарање, усвојување од страна на Владата, потпишување, собраниска ратификација и објава во Службен весник.
-Протоколот не е полноправен акт потврден од Парламентот, туку е само записник од состанок на меѓувладина комисија. Како правно ништовен документ, Протоколот не смее да наметнува штетни дејствија диктирани од соседна земја, ниту на Македонија да и задава крајно непринципиелни и понижувачки обврски, кои задираат длабоко во темелите и содржината на македонската држава, нација, историја, идентитет, вели Поповска.
Таа нагласува оти цени дека Протоколот не е правно валиден документ поради најмалку седум правни прекршувања.
Како прво, посочува дека не е почитувана процедурата за негово договарање, усвојување од страна на Владата и потпишување, второ не е ратификуван во македонското Собрание, трето, не е објавен во „Службен весник“, четврто, несоодветна е формата и содржината, петто, излегува надвор од рамките на правен акт кој обработува еден (1) член од Договор помеѓу две земји, шесто, произведува масивни штетни дејствија врз идентитетски прашања за македонскиот народ, јазик и држава и како седма причина наведува дека претставува непремостлива пречка за нормално функционирање и стратешко меѓународно позиционирање на македонската држава, со тоа што е имплицитно вграден во преговарачката рамка за евроинтеграција и експлицитно во два други документа од евроинтеграцискиот пакет.
-Важно е да се утврди официјално ништавноста на документот, а потоа да се отвори транспарентен и правно издржан процес за нов, правно валиден протокол за спроведување на Договорот за пријателство, кој ќе води сметка за достоинството и интересите на двете страни. Само таков може да се ратификува во Собранието и да произведе правни дејствија во насока на пријателство и добрососедство. Дотогаш, останува меѓународно важечки постоечкиот Договор за пријателство и добрососедство, кој без овој Протокол не може да ги произведе овие штетни дејствија, истакнува Поповска.


