Помош за Мутибариќ доаѓа од Македонија, но и од светот

По мозочниот удар и парализата, Драган закрепнува во Негорски Бањи. Во меѓувреме повеќе институции и поединци од земјава, од Франција, од Австралија…, го контактирале за да му помогнат во неговата незавидна финансиска и здравствена состојба.

Во здравствената и материјална криза низ која минува фудбалската легенда Драган Мутибариќ (75) се појавија и убави вести. Мутибариќ, кој пред неколку недели доживеа мозочен удар, моментно е во Негорски Бањи, каде закрепнува.

Како што дознавме вчера од неговата сопруга Милица, неговата здравствена состојба тргнала малку на подобро. На Мутибариќ му се парализирани десната рака и нога и е врзан за постела. Но вчера, првпат по мозочниот удар, Драган минал некое време седејќи надвор, користејќи го пролетното сонце. Според Милица, парализата малку попуштила, иако далеку е од потполно закрепнување.

По текстот во кој Мутибариќ објави дека е парализиран од мозочниот удар и заборавен од сите, оставен сам на себе, односно на грижата на сопругата, во тешка материјална состојба со пензија од 13.500 денари која не е доволна за скапите лекарства и за домаќинството, многумина се јавиле за да помогнат. Мутибариќ е во Негорски Бањи, а третманот и закрепнувањето што ги добива таму се на трошок на бизнисменот Трифун Костовски.

– Многу добри луѓе се јавија за да помогнат. Дојдоа градоначалникот Петре Шилегов, директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски, претставнци од Владата. Се јавуваат и многу други, од земјава, но и од светот. Помош ни нудат од Франција, од Австралија… Во Негорски Бањи сме благодарение на Трифун Костовски, кој ни обезбеди и превоз. Тука Драган има добра нега. Многу сме им благодарни на сите кои помогнаа и кои нудат помош – вели Милица.

По објавениот текст во „Слободен печат“: Институциите и граѓаните реагираат за да му помогнат на болниот Мутибариќ

Дознаваме дека документите потребни за Мутибариќ да добие еднократна финансиска помош и пензија како заслужен спортист веќе се предадени во Агенцијата за млади и спорт, за да бидат процесуирани и голманот да добие помош. Мутибариќ седум години бараше помош од АМС, што редовно му било одбивано со објаснување дека недостигале некои документи. Овојпат, изгледа постои реална надеж дека тој ќе го добие заслуженото. Помош за Мутибариќ најави и Фудбалската федерација на Македонија, а навивачката група Комити организира хуманитарна акција.

Мутибариќ треба да добие помош од АМС, ФФМ и од други институции

– Здравствената состојба на Драган му е подбрена.Навистина малку, но оди на подобро. Во Негорски Бањи има нега, секојдневни масажи и контрола од лекар. Оптимизмот му се врати, се надева дека ќе ја победи парализата – вели Милица.

Мутибариќ доживеа мозочен удар во својот дом во Лисиче сечејќи дрва за огрев. Откако мина 12 дена во болница во Скопје беше пуштен дома, но, според негови зборови состојбата му беше очајна. Оставен неподвижен со своите 13.500 денари пензија (сопругата нема пензија), Драган губеше надеж.

– Ситуацијата ми е катастрофална. Јас сум оптимист по природа, но доколку ова го пребродам ќе биде чудо – ни изјави тогаш Мутибариќ. Но по објавувањето на веста за неговата несреќа и реакциите што следуваа, работите како полека да се вртат на подобро…

Името Драган Мутибариќ најмногу се врзува за Вардар, но тој беше и репрезентативец на Југославија. Беше голем миленик на вардаровите навивачи, за тој клуб одигра 461 натпревар. Бранеше и за репрезентацијата на Југославија. Имаше 10 настапи во сениорскиот тим и девет за младинската репрезентација. Со младинската репрезентација на Југославија освои прво место во Европа (1968). Четири пати беше на листата на десетте најдобри спортисти на Македонија, а во 1969 година беше прогласен и за спортист на Македонија. Бранеше и за многу други клубови меѓу кои и за бундеслигашот Шалке 04. Кариерата ја заврши на 49 години.

Хуман гест: Трифун Костовски ќе го плати целото лекување на Мутибариќ

Мутибариќ: Ситуацијата ми е катастрофална, никој не помага!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот