Полскиот премиер: Здравјето и животот на граѓаните се премногу важни, компаниите потпомогнати од државата треба да го поделат патентот за вакцина

профимедиа

 Фармацевтските компании кои добија државна поддршка за развој на вакцина против ковид-19 треба да ги поделат правата на интелектуална сопственост со другите за да се зголеми производството, изјави денеска полскиот премиер Матеуш Моравјецки.

„Парите што ги потрошивме заедно за оваа цел беа наменети за научници и фармацевтски компании, а сега се чини дека заостануваат во производството, односно вакцините од европските фабрики се испраќаат надвор од ЕУ, напиша Моравјецки на социјалните мрежи.

Здравјето и животот на граѓаните се премногу важни за да бидат жртвувани за подобро финансиско работење на неколку компании, истакна полскиот премиер, додавајќи дека дал предлог за споделување патенти на вчерашниот самит на ЕУ.

Фармацевтските компании би добиле компензација за пренесување на правата на интелектуална сопственост, изјави портпаролот на полската влада Пјотр Мулер.

Кон крајот на јануари, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел им се закани на фармацевтските компании со вонредни мерки доколку испораките на вакцините продолжат да се одложуваат.

Членот 122 од Договорот за ЕУ пропишува вонредни мерки „во случај на сериозни потешкотии во снабдувањето со одредени производи”.

Земјите од ЕУ може да ја овластат Европската комисија да донесе одлука за вонредни мерки, изјави неименуван официјален претставник за агенцијата ДПА. Брисел, на пример, може да издаде „присилна лиценца” што ќе овозможи вакцината да ја произведуваат други производители, без согласност на сопственикот на патентот, сугерира тој. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот