Полска бара израелскиот напад во кој загинаа хуманитарни работници да се гони како воено злосторство

Напад во Газа / Фото EPA-EFE/MOHAMMED SABER

Полска бара отштета од Израел за семејствата на седумте хуманитарци од Светската централна кујна (WCK) кои беа убиени во напад на израелската армија во Газа, а претседателот на парламентот Шимон Холовња побара тоа да се истражи и казни како воено злосторство.

„Полска не треба само да бара отштета за семејството на Полјакот кој загина во напад на хуманитарен конвој, туку и да го гони како воено злосторство. Јасно е дека Израелците имаат право да се бранат себеси и својата територија од терористите на Хамас, но никој нема право да убива цивили кои носат помош“, рече претседателот на Долниот дом на полскиот Парламент.

Холовња ја оквалификува како „несреќна“ реакцијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој рече дека „такви работи се случуваат во војна“. Полскиот премиер Доналд Туск денеска изјави дека израелскиот премиер, како и амбасадорот во Варшава, кој ги отфрли критиките за напад како антисемитски, ја ставаат на тежок тест солидарноста на Полска кон Израел.

„Денес ја ставате на тест солидарноста. Трагичниот напад врз доброволците и вашите реакции предизвикуваат разбирлив гнев“, им порача полскиот премиер Туск на премиерот и амбасадорот на Израел на платформата Икс (поранешен Твитер).

Во разговор со израелскиот амбасадор во Варшава и шефот на израелската дипломатија, вчера полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски изрази огорченост и го осуди нападот на конвојот и смртта на полскиот волонтер Дамијан Собул и побара независна истрага и отштета за семејствата на загинатите хуманитарци.

Кривична истрага започна и полското обвинителство, а Шикорски побара израелската страна целосно да соработува во неа.

„Доколку е вистина дека конвојот бил мета затоа што наводно имало терорист таму и поради тоа биле жртвувани животи на цивили, не знам во кој систем тоа би можело да се оправда. Ако било навистина така, Израел мора да се извини и да плати отштета на семејствата на жртвите“, изјави денеска Шикорски за јавното полско радио.

Шикорски му порача на амбасадорот на Израел во Варшава дека е време за извинување и покајување, а не за разгорување на страстите.

„Господинот амбасадор треба да се воздржи од емоции. Би го советувал да покаже поголема воздржаност. Сега е време да се извини“, рече Шикорски.

Пораката на израелскиот амбасадор во Варшава Јаков Ливин на критиките за нападот на конвојот дека „антисемитите секогаш остануваат антисемити“ предизвика жестока огорченост во Полска, иако амбасадорот директно реагираше на лидерот на радикалните националисти од партијата Конфедерација, заменик-претседателот на Сејмот Кшиштоф Босак и неговата осуда за нападот врз конвојот, оквалификувајќи го како воено злосторство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот