Полни очи, празни раце, на секои две-три години се отвара по еден шопинг мол
Во недостиг од официјална статистика за нивниот габарит (последниот Попис на продажните капацитети во трговијата на мало е од 2008-та), неофицијалните бројки се дека во земјава шопинг моловите зафаќаат повеќе од 100.000 квадрати. Ако ги прашате скопјани, тие велат дека повеќе шетаат, отколку што пазаруваат. Најискрено одговараат дека зиме се топлат, а лете се ладат, односно повеќе „тепаат време“
Скопјани почнаа да се „сопињаат“ од шопинг молови. На секои две-три години во метрополата никнува по еден таков грандиозен објект, а во одредени општини се толку густо распоредени, небаре сме светски лидери според куповната моќ. Во недостиг од официјална статистика за нивниот габарит (последниот Попис на продажните капацитети во трговијата на мало е од 2008-та), неофицијалните бројки се дека во земјава тие зафаќаат повеќе од 100.000 квадрати.
Препорачано
Новите галерии и продажниот простор се причината за постојаната преселба на дел од трговците, а тоа ги остава полупразни трговските центри во повеќето скопски населби, кои не може да се мерат со луксузот што го нудат „Сити мол“, „Ист гејт“, „Дајмонд“, „Капитол“… За жал, и покрај големите фалби за светски брендови, тоа се сведе на неколку познати и повеќе непознати трговски марки, кои и немаат којзнае каква понуда, велат граѓаните.
На секоја најава за нов трговски центар, тие реагираат дека државата треба да отвора фабрики и нови работни места, а не само дуќани, бидејќи и онака сè се сведува на пазарување кога има попусти и акции. Ако се погледне брзината на отворањето и бројот на ваквите центри, ќе се добие впечаток дека куповната моќ на македонскиот граѓанин е одлична. Но, според европските параметри, Македонија не влегува во трговските статистики, според кои, речиси половина од прометот во малопродажбата се остварува во трговски центри – велат експертите за недвижности.
Масовното отворање нови шопинг-молови ни оддалеку не е го одразува вистинскиот стандард на македонските граѓани, се согласува и Боро Стојановски, сопственик на „Гео Балкан“, агенција за катастарски услуги и недвижности од Битола. Тој за „Слободен печат“, објаснува дека нивните сопственици добиваат атрактивни локации, за кои трошокот брзо се оплодува преку изнајмување или пренамена на деловниот простор.
– Скопје навистина е пренаселено со вакви молови, но во внатрешноста има простор за нив. Земете ја, на пример, Битола, ние досега немавме ниту еден ваков центар, а за да набавиме и едно обично парче облека, моравме да одиме во Лерин. Дуќаните на атрактивни локации сега се полни со кладилници, речиси и да нема пристојна продавница. Сега се најавуваат два нови трговски центри и ќе видиме што ќе ни донесат – вели Стојановски.
Ако ги прашате скопјани, тие велат дека повеќе шетаат, отколку што пазаруваат во ваквите центри. Најискрено одговараат дека зиме се топлат, а лете се ладат, односно повеќе „тепаат време“.
– Полни очи, празни раце. Шетаме од еден до друг мол, но нема нешто поразлично во нив. Ние немаме толку пари за шопинг – вели една скопјанка, која ја затекнавме во „Ист гејт мол“. Тој има вкупна површина од околу 160.000 м2, како и простор за закупување од околу 57.000 м2.
Еден од најновите молови е „Дајмонд мол“ составен од три меѓусебно поврзани целини, со вкупна површина за закуп од 48.000 м². Трговскиот центар „Скопје сити мол“ беше отворен во октомври 2012 година, a инвестицијата беше проценета на над 100 милиони евра. Со бруто-површина од 90.000 метри квадратни, „Скопје сити мол“ го презема приматот на најголем трговски центар од затворен тип во државава. Во 2019 година беше отворен и првиот Ритеил парк – „Поинт ритеил парк“ во Општина Бутел на површина од 9.500 м2.
Од 2005 година функционира и „Рамстор мол“, кој има површина од 25.000 м2. Трговскиот центар „Капитол мол и резиденс“ работи од 2013 година и се простира на 35.000 метри квадратни во Општина Аеродром. Од 1 септември 2010 година, проработи и трговскиот центар „Веро“, со 40.000 м2, кој е меѓу најголемите трговски центри во Македонија. Пред две години и Куманово го доби „Ла плаза мол“ со 18.398 м² трговски центар. Во 2021 година беше отворен и „Штип сити мол“ со вкупна површина од 12.780м², распоредени во 5 нивоа. Пред десетина години и тетовци го добија повеќенаменскиот трговски центар „Палма мол“ Тетово, распространет на 32 илјади м².
Во Општина Кавадарци во 2025 година треба да биде готова инвестицијата од 30 милиони евра во повеќенаменски комплекс со мол и три станбени згради. Новиот трговски центар „Блис“ што се гради во Битола е во напредна фаза и треба да биде готов до почетокот на летото. Новиот трговскиот комплекс „Блис“ е инвестиција на локалната битолска фирма „Беком“ и ќе се простира на површина од 22.000 квадратни метри и ќе биде готов до крајот на јуни. Новиот „Кам мол“, пак, почна да се гради на локацијата на поранешната касарна во Битола.
Првиот трговски во Скопје – ГТЦ работи од 1973 година
Првиот таканаречен „трговски“ центар во светот е „Галерија Виторио Емануеле II“ – беше дизајниран во 1861 година. Во доцните 50-ти и во 60-ти години на минатиот век, терминот „трговски центар“ за првпат беше употребен, но во првобитната смисла на зборот „мол“, што значи пешачко шеталиште во САД, или во употреба во Велика Британија, „трговски предел“. Првиот отворен трговски центар е симболот на Скопје – Градскиот трговски центар и тој влегува во категорија како еден од најстарите во Европа од отворен тип.
Изградбата била официјално почната на 11 октомври 1969 година, а на 27 април 1973 бил пуштен во официјална употреба. Градскиот трговски центар претставува културна икона и еден од најпрепознатливите објекти за градот Скопје. Ѓоко Трајчев, директор на ГТЦ, за „Слободен печат“ вели дека ниту еден од сегашните молови не му е конкуренција на ГТЦ и тој секогаш ќе биде едно од најомилените места за шопинг на граѓаните од цела Македонија.


