Полковникот Колт и шерифот Маск

Митко Билјаноски. / Фото: Слободен печат

Сакам да му помогнам на човештвото, кое го сакам, би порачал денес иноваторот и милионер Колт, творецот на прочуениот револвер, како што пред неколку дена објави иноваторот и милијардер Маск откако се вооружи со Твитер.

Господ ги создал луѓето различни. Семјуел Колт ги изедначил! Ова е до денешен ден најцитираната порака од американскиот иноватор, индустријалист и претприемач од раниот 19 век, кој починал како своевремено еден од најбогатите луѓе на планетата. Неговиот револвер бил рекламиран како доверливо оружје, лесен за користење и со пристапна цена, кој и на физички нејаките им дава убиствена моќ да се одбранат од посилните.

Половникот Колт бил вешт конструктор, но и неверојатно способен бизнисмен, кој успеал за 25 години да продаде повеќе од 400.000 револвери, користејќи претежно корупција и мито, но и чувство за маркетинг. На отоманскиот султан Абдулмеџид му подарил гравиран и позлатен револвер за да му продаде уште илјадници обични со информацијата дека „Русите веќе ги купуваат“. Со истата тактика подоцна им продал револвери и на Русите.

Иако продавал убиствени направи, бизнисменот ја разбрал моќта на медиумите и издвојувал многу пари за реклами низ весниците. Им подарувал гравирани револвери на уредници. Барал постојано да се пишува за неговите производи, без оглед дали во позитивен или негативен контекст, секогаш кога биле користени против „мечки, Индијанци или Мексиканци“. Францускиот израз за револвер долго време бил „ле колт“.

Целосно посветен во градењето империја, Семјуел Колт бил убеден дека навистина ја поправил „грешката на Господ“ и ги изедначил луѓето. Не случајно еден од своите најпродавани револвери ги нарекол „миротворец“. Умрел млад, убеден дека го оправил човештвото.

До денес се задржала и уште една изрека, дефинирана век и половина подоцна како Законот на Ејбрахам Мезлоу: „Ако во раката држиш чекан, се ти прилега на клинец“. Ако, пак, држиш револвер, се ти прилега на мета за куршуми.

Западот на кој живеел половникот Колт немало да го нарекуваат Дивиот ако „изедначените чеда божји“ се пресметувале како на дуел од некој вестерн – среде правлива улица, зјапајќи си длабоко во очите пред да посегнат по револверот на појасот. Го нарекуваат Дивиот зашто не се почитувале закони и се убивало подло од заседа. Прстите на изедначените чеда божји рефлексно се придвижувале кон чкрапецот во секое соочување со лик што прилега на „мечка, Индијанец или Мексиканец“.

Последиците од кодексот на Колт, вграден во вечно оспоруваниот Втор амандман на Уставот на САД, и денес крваво се рефлектираат на Западот, иако одамна не го нарекуваат Дивиот. Но, тоа е друга приказна.

Господ ги создал луѓето различни. Илон Маск ги изедначил! – може да прогласи најбогатиот човек на планетата денес, особено откако за петтина од своето богатство го купи едно од најмоќните оружја за пресметка со неистомисленици – Твитер. Ни револверот на Колт ни концентрирањето на енергијата на атомите па ни социјалните мрежи не биле креирани за да бидат оружје, но можноста да бидат злоупотребени им дава уништувачка моќ.

– Го направив тоа за да се обидам да му помогнам на човештвото, кое го сакам – би порачал денес милионерот Колт, како што пред неколку дена објави милијардерот Маск.

Иноваторот, индустријалист и претприемач од раниот 21 век сака „цивилизацијата да има заеднички дигитален градски плоштад“, но во исто време настојува на тој правлив плоштад како од некое прериско гратче да ги соочи сите изедначени чеда божји, и миротворците и оние што пукаат со омраза, лаги и страв. Со 113 милиони следбеници и со 220 милијарди долари, Маск веќе се шета како шериф низ тој виртуелен свет, во кој куршумите неретко завршуваат во „мечки, Индијанци и Мексиканци“.

Маск објаснува дека не го купил „Твитер“ за да заработи повеќе пари. Камо среќа да го купеше за да заработи уште неколку милијарди. За сите изедначени чеда божји проблемот е неговата намера да „го оправи човештвото“. Миротворецот веќе се обиде да ги смирува Русија и Украина. На Украинците им даде пристап до интернет преку својата мрежа сателити Старлинк, а сега им бара да ѝ отстапат територии на Русија за да биде постигната неговата човекољубна визија.

Амбициите на Маск се преголеми за да остане шериф во дигиталниот плоштад. За неговите миротворни напори малку е Нобеловата награда. Не е далеку времето кога ќе посака да биде претседател на САД, претседател на планетата, кога би било можно. Прв претседател на колонизираниот Марс.

Кога ги имаш сите пари во светот, ти се чини дека се има цена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот