Христијан Мицкоски Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ Фото: Фејсбук партија

Политиката не можеше да мрдне од „периметарот“ на ВМРО-ДПМНЕ

Сè беше подредено на победата на локалните избори – од милијардата од Унгарија, до предизборните коалиции, со цел да се растури опозицијата, во што делумно и успеаја. Што се однесува до евроинтеграцискиот пат, Македонија остана на слепа улица.

Политичката сцена во 2025 година помина без поголеми потреси. Локалните избори поминаа онака како и што се очекуваше, за што сè им беше подредено – од милијардата од Унгарија, до предизборните коалиции, сè со цел да се финишира со апсолутна власт на ВМРО-ДПМНЕ. А кога извршната власт и претседателската функција ќе се надополни и со шефување во повеќе од половината од сите општини во земјава, лесно е „само твојата вистина да е вистинската вистина“, а сè друго да е „талог“ на општеството, потонато во „длабокото“.

Почетокот на годината ја одбележа инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, кога во „периметарот“ на најмоќниот политичар на светот беше и премиерот Христијан Мицкоски, а со тоа и Македонија. Или, како што тогаш тврдеше премиерот – дека со посетата на САД, Македонија влегла во „оптиката“ на администрацијата на Трамп.
На свечениот чин (кој со покана, кој без покана) беа и лидерите на владејачката Вреди. Историјата ќе покаже дали и кој присуствуваше во Ротондата на Капитол Хил, каде што се одржа чинот на инаугурација на Трамп. За пиарот на партиите беше важно, освен Мицкоски и претседателот на Собранието Африм Гаши, пред Капитол Хил да се фотографираат и Изет Меџити, Билал Касами и Арбен Таравари, тогашните лидери на Вреди.

Спикерот Гаши, освен што го виде Вашингтон, побрза да го види и Косово, и тоа со колона возила, во која ги спроведе роднините на свадба во соседството, без притоа да мине каква било гранична контрола. Гаши беше поврзан и со аферата во која „заигра“ и пиштол на човек од неговото обезбедувањето кога на скопскиот аеродром ја „спасуваше“ претседателката на Косово Вјоса Османи, со цел да не поминува нејзиниот багаж на аеродромскиот скенер. Но, скандалите не му можат ништо на Гаши, тој ја преживеа интерпелацијата во Собранието. Пратениците пак, заедно со првиот парламентарец го преживеаја срамот дека не свикаа комеморативна седница за да им оддадат почит на загинатите во една од најголемите трагедии во поновата македонска историја – пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Наместо тоа, две недели се сокрија од граѓаните.

Локалните избори ја потврдија апсолутната власт на ВМРО-ДПМНЕ

Кога сме кај локалните избори, пак, ВМРО-ДПМНЕ ја потврди апсолутната власт во државата. Мицкоски и партијата локалните избори ги издигнаа на ниво на финална пресметка со опозицијата, а на граѓаните од митинзите им порачуваше да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ зашто ја решаваат одлучувачката битка – во кој правец ќе се движи Македонија.

– Немојте да се залажуваме дека ова се само обични локални избори. Ова се избори за финалната пресметка со опозицијата за тоа каква држава сакаме. Правеа претстава наместо да штитат, нив ги симнавме од власт, но сега треба да ги поразиме и да ги испратиме во пензија – порачуваше Мицкоски.

Победата на локалните избори значеше дека ВМРО-ДПМНЕ повеќе ќе нема изговори за (не)сработеното, бидејќи ја згази опозицијата и освои апсолутна власт. Но тие ја покажаа и целата безидејност на опозицискиот СДСМ, кој доживеа историски најкатастрофален пораз. Освен целосното детронизирање на СДСМ, Мицкоски со коалициски комбинации со Вреди и со ЗНАМ успеа првпат, по 23 години, да ја симне ДУИ и Али Ахмети од власт на локално ниво. ДУИ не победи во ниту една градска општина, иако вкупно гледано освои повеќе советнички места од Вреди. Поразот на изборите во бастионите на Албанците – Тетово и Чаир, како и тие во Струга и Дебар, се голем удар за „интегративците“ и нивните коалициски партнери од НАИ (Национална алијанса за интеграција). Сепак, најмераклиска за ВМРО-ДПМНЕ беше победата во Кичево, каде што ДУИ беше симната од власт по 13 години владеење. ВМРО-ДПМНЕ ја обвинуваше опозицијата за непринципиелни коалиции, иако првпат не истакна кандидати во мешаните средини и во општините со мнозинство Албанци. Изборната победа Мицкоски ја заокружи со партискиот конгрес, на кој по трет и последен пат е реизбран за лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Во Новата година ќе биде појасно колкав рез во партијата ќе направи Мицкоски при изборот на најтесното партиско раководство.

Годинава, Владата на Мицкоски претрпе две смени – првата по заминувањето на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари во опозициската коалиција НАИ, и втората – по локалните избори, откако првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити стана градоначалник на Чаир.

Војната на Филипче против власта, но и против – „своите“

Социјалдемократите по изборното фијаско никако да се консолидираат, иако лидерот Венко Филипче тврди дека партијата полека се созема и се засилува. Практиката речиси секојдневно го демантира, па Филипче на само што е во политичка војна со Мицкоски, туку и со своите актуелни и поранешни сопартијци, а од неодамна влезе во конфликт и со дел од медиумите. Изборниот дебакл ја смени стратегијата на актуелното раководство на СДСМ, која сега има поагресивен настап. Филипче направи смена на партиските органи, но не виде проблем и одговорност кај себе за неуспесите на партијата. Тешко се снаоѓа и при институционалните настапи. Иако најави две резолуции – една за црвените линии за Бугарија и втората – резолуција против мигрантите, досега ниту една не е поднесена во Собранието. И тука ВМРО-ДПМНЕ го претрка и во Собранието изгласа Резолуција против манипулациите на СДСМ за мигрантите, односно ѝ забрани на опозицијата да гукне на таа тема.

Годината ќе ја паметиме по речиси секојдневните навреди и приземниот речник кој си го разменуваа политичарите од власта и од опозицијата. Благодарение на партиските лидери, годината ја одбележаа и нови фрази во македонскиот политички речник. Така слушаме дека само „вистината на Владата е вистинската вистина“, дека Вреди не се коалиција, туку „албански вазали“ на ВМРО-ДПМНЕ, полна им е устата со „српски свет“, но и со „длабокото“ , со „Вучиќи“, „талог на општеството“. Меѓусебните обвинувања за криминалци и корумпирани им е како „добар ден“.

Најголеми турбуленции претрпе албанскиот политички блок

Поразот на изборите иницира партиски конгрес и во ДУИ, каде Ахмети по петти пат беше реизбран за лидер на партијата. Партискиот врв повеќе претрпе рокади отколку освежување, а чистката се случи во партиските органи. На Ахмети не му успеа да влезе во „периметарот“ и „оптиката“ на Мицкоски, иако се закануваше со протести за оспорениот закон за албанскиот јазик пред Уставниот суд. Можеби Ахмети се пишмани и не излезе на улица оти ќе немаше каде да се врати, па направи Конгрес и остана „на сигурно“ – лидер на партијата, барем уште четири години, иако изјавуваше дека ако излезе на улица, повеќе нема да се врати, што и да значеше тоа.

Најголеми турбуленции се чини претрпе албанскиот политички блок. Излегувањето на Таравари од Владата предизвика потрес и во коалицијата Вреди, но штета претрпе и Таравари, бидејќи дел од неговата Алијанса, со министрите Арбен Фетаи и Азир Алиу, останаа во Владата на Мицкоски. Алијанса на Зијадин Села, пак, ја напушти колаицијата НАИ, предводена од Ахмети, но и Села остана без еден пратеник – Илир Демири – кој сега дејствува како независен.

Вреди Новата 2026 година ќе ја дочека како коалиција, иако цела година се подготвува да се обедини во една партија. Таму проблем е кој е најголемиот лидер меѓу лидерите Меџити, Касами, Беким Сали, Беким Ќоку, или можеби и Фетаи – за да биде лидер на Вреди. Впечаток и за Алијанса за Албанците и за Вреди е дека имаат повеќе лидери отколку членство.

Мицкоски и Новата 2026 година ќе ја дочека со стабилно парламентарно мнозинство, но без Бадентерово мнозинство, а со тоа и без донесени неколку клучни закони од реформската агенда и без нов народен правобранител. „Ловот“ на пратеници од немнозинските заедници ќе биде на цена и во Новата година, а тоа, пак, навестува прва лидерска средба помеѓу Мицкоски и Ахмети. Ако таа се реализира, тогаш може да се каже дека премиерот седнува само на изнудени лидерески, зашто единствената средба што веќе ја имаше годинава е таа со опозицискиот лидер Филипче.

Годината што изминува ја заокружуваме без никаков напредок во евроинтеграцискиот процеси, ниту пак, обид во Собранието да бидат изгласани уставните измени. Мицкоски не најде партнер за танго и состојбата остана статус-кво. Нема ни гаранции од ЕУ коишто државниот врв ги бара – дека по уставните измени ќе нема ново вето од Бугарија, па евроинтеграцискиот пат на Македонија остана на слепа улица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот