Политичките чистки во Кина го вознемирија Западот
Американските разузнавачки аналитичари проценуваат дека кинескиот претседател Си Џинпинг во последните години покажал знаци на екстремна параноја, што, според нивното толкување, е во коренот на нов бран чистки во врвните редови на Народноослободителната армија на Кина, објави „Њујорк тајмс“.
Препорачано
Според извештајот, под истрага се и високи функционери на воениот апарат, вклучувајќи го и заменик-шефот на Централната воена комисија, Џанг Јуксиу, кој се смета за близок соработник на Си Џинпинг, како и шефот на Заедничкиот штаб на Комисијата, Лиу Женли.
Американските аналитичари сметаат дека токму стравот од внатрешни закани и можна нелојалност во военото раководство го поттикнува кинескиот лидер да презема остри кадровски потези.
Според весникот, ваквите случувања предизвикале вознемиреност кај функционерите и безбедносните кругови во Вашингтон, бидејќи се очекува американското раководство јасно да ги разбере мотивите зад одлуките на Пекинг. Причината за ова е фактот што потезите на кинеското државно и воено раководство имаат далекусежни последици за глобалната безбедност, но и за светската економија.
Истрагите против Џанг Јуксија и Лиу Женли беа официјално објавени кон крајот на јануари. Кинеското Министерство за одбрана соопшти дека двајцата високи офицери се осомничени за „сериозни прекршувања на дисциплината и законот“.
Во исто време, „Волстрит журнал“ објави дека Џанг Јуксија е исто така под истрага за наводно доставување класифицирани информации за кинеската програма за нуклеарно оружје на Соединетите Американски Држави.


