Данела Арсовска - Градоначалник на Скопје - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Данела Арсовска - Градоначалник на Скопје - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Полицијата одзеде документи од Чаир и од Транспорт и врски, за предметот со дивоградбите

Во средата на 23 јули, полициски службеници од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР, одзеле документација од општина Чаир и од Министерството за транспорт и врски, во врска со дивоградбите за кои подолго време алармира градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Од МВР за „Слободен печат“ велат дека ова го направиле откако претходно добиле наредба од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и наредба од судија на претходна постапка.

На 23.07.2025 врз основа на Наредба на судија на претходна постапка полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР одземаа документација од општина Чаир и од Министерството за транспорт и врски, велат од МВР за „Слободен печат“.

Инаку, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција  достави кривична пријава против градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу и уште неколкумина вработени во општината во која наведува дека во општината наводно се користи фалсификувана деловодна книга во која се воделе барањата за легализации на дивоградби.

Според кривичната пријава, граѓаните кои навремено поднесувале барања да легализираат балкони или делови од куќи што им биле наследство биле одбивани од општината во законскиот рок, за потоа со искористување на нивното бројче од одбиеното барање во наводно фалсификуваната деловодна книга да се легализираат дивоградби и висококатници на други луѓе што граделе објекти 10 години по носењето на Законот за легализација на дивоградби, а во времето на поднесувањето биле малолетници. Во кривичната пријава пишува дека граѓаните чии балкони и делови од куќи биле одбивани за легализација, носеле геодетски елаборати во обид да ги легализираат.

Во кривичната пријава во која имавме увид, има 15 вакви примери, но Арсовска бара од ОЈО ГОКК да обезбеди еден крунски доказ за нејзините тврдења кој не би можело да биде фалсификуван и кој треба да се користи како референтна точка – регистарот за поднесени барања за утврдување правен статус на бесправни објекти што го води Министерството за транспорт. Како што изјави Арсовска за „Слободен печат“, кога ќе се спореди регистарот што го води општина Чаир со оној од Министерството за транспорт ќе се докаже дека книгата во општина Чаир е фалсификувана, во неа се менувани податоци и се додавани дополнителни деловодни броеви.

-Со увид во истата, како и со споредување на податоците од Регистарот на барања за постапување со бесправни изградени објекти во Министерството за транспорт, недвосмислено ќе се докаже дека лицата фалсификувале дополнително голем број на барања со кои овозможиле противзаконски легализации на објекти надвор од сите законски рокови и со прекршување на сите законски услови и процедури. Апелирам ОЈО ГОКК итно да ја обезбеди архивската книга од општина Чаир како и Регистарот од Министерството за транспорт која ги содржи податоците со кои недвосмислено се докажува дека архивската книга од општина Чаир не соодветствува со регистарот на Министерството за транспорт и врски бидејќи е фалсификувана, изјави за „Слободен печат“ Арсовска.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот