Полицајците обвинети за кочанската трагедија останаа без обвинител
Трите предмети кои ги отвори и работеше обвинителката Ивана Алексова Трајчева против полицајците обвинети за пожарот во дискотеката „Пулс“ и кои требаше да влезат во судница месецов, останаа без обвинител, откако Советот на јавни обвинители не ѝ го продолжи мандатот на обвинителката во одделението за гонење на организиран криминал и корупција со образложение дека треба нови обвинители да добијат шанса.
Препорачано
Но, сега овие предмети кои Алексова Трајчева ги работеше и за кои собираше докази со месеци треба да ги преземе друг обвинител на кој ќе му биде потребно време да се запознае со предметите за да може да ги брани пред Кривичниот суд.

Членовите на Советот не гласаа за нејзе за да и биде продолжен мандатот, а против беше и републичкиот јавен обвинител Ненад Савески, кој е дел од Советот по функција и за прв пат присуствуваше на седница на обвинителското тело. Советот не им ги продолжи мандатите на речиси сите кандидат од Обвинителството за организиран криминал, па така во скопско се враќаат Марија Ѓоргева, Валентина Бислимовска, Сузана Мирческа Кузмановска и Трајчева, а единствено ѝ го продолжи мандатот на обвинителката Енѓелуше Кадриу – Леши бидејќи е од немнозинските заедници.

Гласови за избор во „организиран“ за пет места кои требаше да се пополнат, добија четворица кандидати, Кадриу – Леши и тројца обвинители од скопското обвинителство, обвинителката што го води предметот „Онкологија“, Ана Гоговска Јакимовска, обвинителката што го водеше „убиството на малолетната Вања“, Ана Стојковиќ Димитровска и обвинителот Александар Маркоски кој нема водено некој случај познат во јавноста. Обвинителите Трајче Пеливанов и Артан Ајро од скопското Вишо јавно обвинителство ги повлекле кандидатурите.
Унапредување добија обвинителките од „Онкологија“ и „убиство на Вања“
Речиси сите членови имаа ист став дека обвинителите не треба да имаат многу мандати за да не се дозволи акумулација на моќ.
Членот на Советот, Светлана Стојковиќ, во своето излагање се осврна на измените на мандатот на јавните обвинители во ОЈО ГОКК од четири на седум години во новото предлог законско решение посочувајќи дека петмина од пријавените кандидати веќе имаат по два мандати во ОЈО ГОКК, што значи веќе осум или повеќе години мандат во ова обвинителство.
Според Стојковиќ, мандатот од седум години не е прекраток за да се даде свој придонес во ова обвинителство, а доволен за да не се дозволи акумулација на моќ.
– Сите се квалитетни јавни обвинители со докажана стручност. Но би го дала својот глас за трите обвинители од ОЈО Скопје, кои не работеле во ОЈО ГОКК, а со својата биографија и досегашната работа ја заслужуваат шансата – изјави Стојковиќ.
Кети Петкова се согласи со ставот на Стојковиќ посочувајќи дека својот глас ќе го даде за тројцата што немаат работено во ОЈО ГОКК, но и за Кадриу – Леши со оглед на тоа, како што рече, треба да се запази и правичната застапеност.

Савески рече дека не учествувал во интервјуата, но ги проучил материјалите за сите осум кандидати, сите ги познавал и бил запознаен со нивната работа посочувајќи дека својот глас ќе го даде за тројцата кандидати што не доаѓаат од ОЈО ГОКК, со оглед на, како што рече, својот став дека треба да се даде шанса.
– Секогаш сум поборник секој да ја добие шансата и да се реализира на одредена позиција. Тројца од кандидатите не се дел од ОЈО ГОКК. За сите кандидати од ОЈО ГОКК имам високо мислење и се квалитетни во своето работење. Мојот главен критериум е тоа дека на секој од јавните обвинители надвор од подрачјето на Скопје треба да им се даде можност да се пронајдат во едно обвинителство. Искрено, мене ме разочарува тоа што за пет места има само осум кандидати. Сакам на сите обвинители да им се даде шанса и да веруваат дека ќе им се даде можност да напредуваат во кариерата – изјави Савески на седницата.
После седницата тој на новинарски прашања што ќе се случува со предметите што се водат против полицајците обвинети за „Пулс“ кажа дека како и сите други предмети ќе ги преземе нов обвинител.
Трајчева ги гонеше актуелните за најтешкото кривично дело
– Во овој предмет како и во сите други предмети во кои има ваква ситуација каде што од одредени причини јавен обвинител, во случајов, кога му истекол мандатот или јавен обвинител не е во можност да продолжи во конкретниот предмет, продолжува да работи друг обвинител – рече Савески.
Иако првично беа насрочени судски рочиште за трите предмети, досега е почнат само едно од нив, судењето за обвинителниот предлог против тројца полицајци кои се гонат за „злоупотреба на службената положба“ кои не признаа вина.
Рочиштата за другите предмети се одложуваа бидејќи на Трајчева не и беше продолжен мандатот, па се одложи и почетокот на судењето против 13 полицајци меѓу кои оние кои биле вечерта во „Пулс“ и актуелните началници во ОВР Кочани и СВР Штип, кои се гонат за смртта на 63 млади луѓе, односно за тешки дела против општата сигурност.
Трајчева, за разлика од првото обвинение што беше покренато под водство на сега веќе поранешниот обвинител, Љупчо Коцевски, со кое се гонат и поранешни градоначалници, министри, од пред 12 години дека придонеле да има 63 жртви во кочанската трагедија и над 200 повредени, за најтешкото кривично дело ги гони само полицајците кои беа во дискотеката кога се случи пожарот, и актуелните началници, додека другите за злоупотреба на службената положба.
Ова обвинение предизвика реакција кај адвокатите на обвинетите во најголемиот предмет за кочанската трагедија, кои бараат новиот обвинител да направи ревизија на обвинението, за кое веќе е во тек судски процес. Савески кој неодамна дојде на функција, се уште се нема изјаснето за обвинението за најголемата трагедија во поновата историја на Македонија.


