Фото ФЗОМ
Фото ФЗОМ

Полицаец „го нашол лекот“ за боледувања – променил четири матични лекари во различни градови, ФЗОМ фати 100 лажни боледувања во МВР

За утврдените прекршоци веќе се покренати постапки за казни во вкупен износ од околу 20 илјади евра што ќе ги платат здравствените установи што издавале боледувања без поткрепувачка документација или лажно.

Полициски службеник за година и половина променил 4 матични лекари во различни градови за да добие боледување, покажа контролата на Фондот за здравство на барање на Министерството за внатрешни работи. МВР во втората половина на 2025 година побара Фондот да изврши детална контрола на боледувањата на вработените во полицијата, поради сомнежи за злоупотреби. Сомнежите се покажаа основани. Резултатите покажаа дека неправилно е едно од пет боледувања во МВР.

Директорот на ФЗОМ Сашо Клековски рече дека со контролата се најдени 10 случаи каде полицајците ги менувале матичните лекари што е индикатор дека првиот престанал да им удоволува и да им издава боледувања.

Од 80 контролирани лица, кај дури 29 лица (37 проценти) се утврдени неправилности. Тие 80 лица оствариле вклупно 514 боледувања. Од 514 боледувања, 100 биле неуредно издадени, што е речиси секое петто боледување. Најголемиот дел од боледувањата биле кратки, до 7 дена и до 15 дена, а 80-тина биле боледувања над 30 дена.

Неправилните боледувања ги издавале дури и специјалисти во државното здравство и две лекарски комисии од два града, како и 27 ординации по општа медицина и две гинеколошки ординации, соопшти директорот на ФЗОМ Сашо Клековски.

Контролата опфати 105 приватни здравствени установи, 3 јавно-здравствени установи и 3 лекарски комисии. Најголемиот дел од нив се матични лекари, но има и неколку гинеколози и стоматолози. За подолгите боледувања, контролирани биле и првостепените и второстепените лекарски комисии што ги издаваат. Главните прекршоци се во тоа што не се почитувале главните дијагностички постапки – на пример, доколку некој имал дијагноза „лумбаго“ (болка во долниот дел од грбот), немало снимка да ја потврди дијагнозата. Исто така, се надминувале дозволените временски рамки на боледувањата.

 

-Вкупно 27 установи од општа медицина и 2 од областа на гинекологијата издале неуредни боледувања. Три специјалисти од јавни здравствени установи исто така издале неуредни боледувања и две првостепени лекарски комисии имале грешки во издавањето боледувања. Најчести недостатоци се непридржувањето кон задолжителните дијагностички постапки за издавање на боледувањата, рече Клековски. 

За утврдените прекршоци веќе се покренати постапки за казни во вкупен износ од околу 20 илјади евра што ќе ги платат здравствените установи што издавале боледувања без поткрепувачка документација или лажно.

Директорот на ФЗОМ Клековски рече дека главниот системски проблем е во тоа што не постои интегриран систем на боледувања во Македонија, па затоа не се знае колку луѓе се на боледување и дали како држава сме блиску до европскиот просек од 2-5 проценти од вкупното работно време поминато на боледување.

Тој најави дека со пари на Европската Унија ќе се спроведе двегодишен проект со кој ќе се направи поврзување на податоците од „Мој Термин“ со оние на ФЗОМ во поглед на боледувањата – а за таа цел формирана е и управувачка група. Фондот ќе се сретне и со претставници на синдикатите и со работодавачите за да се дискутираат системските недостатоци и да се намалат злоупотребите. Компензацијата за време на боледувањето на вработените во МВР е 100 проценти од платата. Инаку досега само подолгите боледувања, а не и кратките до 7 и до 15 дена беа предмет на редовен надзор на ФЗОМ

-Најчесто боледувањата се проблем во јавниот сектор, МВР, одбрана и царина. Има значителен број боледувања и во јавното здравство ама работодавачите немаат побарано од Фондот да направи контрола на тие боледувања. Најчесто во секторите каде што има многу боледувања, според колективниот договор надоместокот е 100 проценти за разлика од приватниот сектор каде надоместокот е 70 проценти. Од финансиски аспект и мотивација, се исто е дали сте или не сте на работа. Овие наоди водат кон промена на правилата за боледување. Важно ни е да ги интегрираме податоците зашто сега, кратките боледувања се во „Мој Термин“ а долгите боледувања се во ФЗОМ. Со интерабилност на двете бази ќе ни се овозможи да ги погледнеме и кратките боледувања зашто во испрекинати боледувања се најчестите злоупотреби, рече Клековски.

 

Најчестите дијагнози за боледувањата биле респираторни болести (82 случаи), проблеми со мускулниот систем и дигестивни проблеми.

Болниците во Македонија да проверат уште колку хелиум имаат за апаратите за магнетна резонанца, поради војната во Иран

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот