Фото: EPA-EFE/CHRISTIAN BRUNA

Покраината Салцбург ги ограничува средствата за социјалниот сектор

Покраинската влада во Салцбург усвои мерки со кои значително се ограничува финансирањето на социјалниот сектор, вклучувајќи го и укинувањето на бонусот за негувателите. Со суспендирањето на автоматската валоризација и ограниченото зголемување на трошоците, организациите предупредуваат на реални кратења кои го загрозуваат функционирањето на домовите за стари лица, лицата со попреченост и социјалните служби. Одлуката предизвика остри реакции и најавени протести низ покраината.

Социјалниот сектор во австриската покраина Салцбург се соочува со нов бран на кратења откако владата предводена од Народната партија (ÖVP) и Слободарската партија (FPÖ) одлучи да го укине бонусот за негувателите на стари и изнемоштени лица од 2026 година. Hа последната седница на покраинскиот парламент беше изгласано уште едно ограничување кое ги засега сите што работат во областа на грижата, поддршката и социјалните услуги. Новото законско решение ја суспендира автоматската валоризација на трошоците за персонал и материјали што досега се усогласуваа со инфлацијата. Наместо тоа, зголемувањето ќе биде ограничено на максимум 1,65 проценти за персоналните трошоци и 3,3 проценти за материјалните расходи.

Одлуката предизвика жестоки реакции кај опозициските партии и во секторот за социјална грижа. Според Социјалдемократската партија, ова значи реално кратење на буџетите за домовите за стари лица, центрите за лица со попреченост и советувалиштата. Претседателот на организацијата Волкcхилфе, Зигфрид Пихлер, ја опиша мерката како „тупаница во лицето на сите што секојдневно се грижат за најранливите“.

Реални кратења под маската на штедење

Досега, трошоците за персонал и материјали во социјалните институции автоматски се зголемуваа во согласност со инфлацијата, што им овозможуваше на организациите да ги одржат стандардите за работа и да ги задржат вработените. Новиот закон за прилагодување на тарифите во социјалниот сектор го укинува овој систем. Според пресметките на Социјалдемократите, вистинското зголемување на трошоците за персонал во 2026 година би требало да изнесува најмалку 3,45 проценти во домовите за стари лица и речиси 3,8 проценти во установите за поддршка и помош на лица со попреченост.

„Со оваа мерка никој повеќе нема да може да функционира. Системот се урива пред очи“, предупреди пратеничката Барбара Тони. Портпаролката за социјална политика на зелените Кимби Хумер Фогл оцени дека владата „го потпалува огнот во секторот кој и онака е под голем притисок“. И покрај бројните апели, мнозинството на Народната и Слободарската партија го усвои законот со кој во 2026 година треба да се заштедат 6,16 милиони евра.

Министерот за социјални прашања во покраинската влада, Волфганг Фирвегер, го брани потегот со аргумент дека „буџетската состојба бара учество во консолидацијата од сите сектори“. Тој посочи дека првичните пресметки биле направени врз основа на старите договори за платите во јавниот сектор и дека по новите преговори било потребно прилагодување. „Кај материјалните трошоци дури им излеговме во пресрет на организациите“, рече Фирвегер, додавајќи дека се користела инфлациската стапка од јуни 2025 година, која, според него, е повисока од очекуваната во 2026 година.

Укинување на бонусот за негуватели и најавени протести

Ова не е прв удар врз социјалниот систем во Салцбург. Во октомври владата најави дека од јануари 2026 година ќе го укине и бонусот за негувателите. Со тоа околу 15 илјади здравствени и негувателски работници ќе останат без месечен додаток кој во просек изнесуваше околу 160 евра. Бонусот беше предвиден да важи до крајот на 2028 година, но покраинската влада одлучи да го прекине две години порано, со цел да заштеди дополнителни 12 милиони евра годишно.

Одлуката предизвика масовно незадоволство. Синдикатите ГПА и Вида организираа состаноци по работните места и најавија протести. Во среда попладне во Салцбург е најавен протестен марш под мотото „Праведност за здравството и грижата“, кој ќе се движи од хотелот Паркхотел Брунауер до покраинската болница. Синдикатите бараат фер колективен договор и законски гарантиран бонус за сите што работат во здравствениот и социјалниот сектор.

„Се штеди токму таму каде што општеството е најслабо и најчувствително. Ако не се смени курсот, ќе се доведеме во ситуација кога повеќе нема да има кој да се грижи за старите и болните“, предупредија организаторите на протестот. За многумина во Салцбург, овие одлуки се симбол на поширока политика на штедење која ја поткопува социјалната стабилност и ја загрозува иднината на грижата за луѓето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот