Покачените плати се недоволна терапија за одливот на лекарите

Инфективна клиника / Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Треба да се подобри работата на здравствениот систем во целина за тој да биде поквалитетен, побрз, поефикасен и поатрактивен за медицинскиот персонал. Да има повисоки плати, подобри услови за работа, побрз развој на системот, изградба на нови капацитети, осовременување на опремата, дијагностичките услуги и слично.

Ова, според пензионираниот професор на Медицинскиот факултет, д-р Мирко Спироски, е терапијата со која нема да се спречи, но може да се намали одливот на лекари специјалисти и друг здравствен персонал од државното здравство.

– Сето тоа и многу друго треба да се направи за државниот здравствен систем да биде конкурентен на приватниот сектор. Јавното здравство долго беше потценувано, независно од партиската боја на министрите или на премиерите. Имам чувство дека сегашниот министер за здравство и сегашниот премиер тоа го сфатија и прават напори за побрз развој, но или тоа не е доволно или ковид-19 ја наруши оваа намера – вели д-р Спироски.

И Европската комисија го нотира одливот на специјалисти

Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија уште еднаш нотираше дека здравствениот кадар, особено лекарите специјалисти, си заминуваат од државното здравство во странство или во приватните болници, и покрај покачените плати како мерка за задржување на кадарот.

Проф. д-р Никола Пановски за „Слободен печат“ коментира дека причините за мигрирањето на лекарите се многубројни, а како еден од примерите на напуштање на државното здравство на квалитетниот медицински персонал, го наведува случајот со д-р Мирослав Гроздановски, кој беше отпуштен од Здравствен дом Скопје откако ја фотографираше спорната табла на која беше погрешно испишано името дерматовенерологија. Гроздановски за неполн месец се вработи во приватна здравствена установа, но загубија пациентите што немаат пари да ги платат неговите услуги.

– Секаде мигрираат лекарите за подобри услови и плати. Ако не ги покачеа платите кај нас, уште повеќе ќе си заминуваа. Случајот со Гроздановски покажа колкава е негрижата на државата за специјалистите. Никој не поведе иницијатива да го спречи неговото заминување. Секако дека и партизираноста и раководењето на државните здравствени установи од партиски директори потполно ги дестимулира специјалистите – смета д-р Пановски.

Претседателот на Асоцијацијата на млади лекари специјализанти, д-р Ненад Лазаров, вели дека проблемот е комплексен.

– Ја зголемија платата само на клиничките специјалисти, а ние, како матични лекари, денар повеќе немаме видено во целата криза. Специјализантите се на минималец од 26 илјади денари. Бегаат возрасни квалитетни лекари, зашто во приватното здравство условите се подобри и има повеќе пари. Ние, за време на пандемија, кога имаме 10 епидемиолози во земјава, дозволивме еден од нив да замине да работи во Светска здравствена организација. Шеф на лабораторија исто така отиде во СЗО. Еден инфектолог отиде во „Систина“, колку сестри „избегаа“, да не зборуваме. Нова амбуланта по општа медицина не е отворена седум месеци – вели доктор Лазаров.

За три години платите зголемени од 20 до 40 отсто, велат од Министерството

Од Министерството за здравство велат дека посветено се грижат за здравствените работници и дека за нив во изминатите четири години се направени круцијални промени, со цел да се мотивираат и да се задржат во земјата.

„Во нашата држава, почнувајќи од септември 2018 година, на 19.123 вработени во јавно-здравствените установи им се зголеми основицата за плата за пет отсто. Во јануари 2019-та дополнително ги зголемивме платите на лекарите, медицинските сестри, болничарите и техничарите. Процентот на зголемување на медицинските сестри беше за пет отсто, на медицинските сестри на клиниките 8 отсто, а 10 проценти за докторите специјалисти. Во септември 2019-та, за 5 отсто ја зголемивме платата на администрацијата. Во февруари 2020-та, платите на специјалистите го зголемивме за 25 отсто, а на медицинските сестри за 10. Кумулативно, заедно со сите зголемувања досега, основната плата на лекар специјалист ја зголемивме за 40 проценти, а на медицинските сестри помеѓу 20 и 23 отсто. На општите лекари платата е зголемена за 25 проценти, а на здравствени соработници за 15 проценти“, велат од Министерството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот