Поевтинија месото и некои лебови, а се очекуваат и помасовни корекции

Намалени се околу 50-ина производи, дел од свежото свинско месо и дел од пилешкиот асортиман. Некои од производителите сè уште ги немаат добиено договорите за субвенционирана струја. Старите резерви мора да се продаваат по стари цени

Во дел од продавниците почнаа да се менуваат цените на основните прехранбени производи, додека кај некои сè уште нема ниту еден поевтин артикл, освен оние што се на акција. Од денеска производителите на храна може да набавуваат електрична енергија со субвенционирана цена од 80 евра за мегават-час, додека денешната основна цена на берзата околу пладне беше 397 евра за мегават.

Намалување на цените може да се забележи кај месото, кај лебот, но за најголем дел од производителите треба да се чекаат новите пратки со коригирани цени, затоа што производите на рафтовите се од залихите каде што производните цени се формирани со поскапа струја.

Производите што секојдневно се испорачуваат, како, на пример, лебот, како што можеше да се забележи во продавниците, во најголем дел сè уште е по старите цени, но како што најави претседателот на Агрокомората на ССК Горан Ѓорѓиевски, кој е и сопственик на „Специјал“, од вчера е достапен леб и по 32 денари. Најголемиот производител на леб „Жито лукс“ сè уште ги нема коригирано цените.

Горан Малишиќ, претседател на Групацијата за мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора, вели дека она што е најважно е сите да ги добијат договорите од ЕСМ Продажба за субвенционираната струја.

– Од ЕСМ Продажба ни велат дека веќе се одобрени барањата на 99 отсто од барателите, но сè уште многу компании, и тоа големи, ги немаат добиено договорите. Сепак, додека не ги добиеме договорите, не можеме да калкулираме поевтина цена на струја. Секако, ја поздравуваме мерката. Со падот на температурите, цените на берзата на електрична енергија вивнаа нагоре и со субвенционирањето државата го сопре натамошниот раст на цени на храна што ќе беше неминовен. Но, ќе има намалување на цените откако компаниите ќе ги земат в раце новите договори и ќе си ги направат калкулациите – изјави Малишиќ за „Слободен печат“.

Од Групацијата на месо и месни преработки при Стопанската комора одржаа прес, на кој информираа дека цената е намалена за 50-ина производи за околу 5 проценти. Но, оттаму се пожалија дека дел од производителите не добиле субвенционирана струја затоа што имаат поставено фотоволтаици, со што се ставени во нерамноправна положба.

– Уште денеска ги намаливме цените на одредени производи, верувајќи и на Владата дека мерките ќе бидат ефективни. Намалени се околу 50-ина производи, дел од свежото свинско месо и дел од пилешкиот асортиман, но до кога ќе важи тоа не знаеме, зашто некои компании се одбиени и се ставени во нерамноправна положба. Очекувавме мерката за струјата да биде јасна и целата работа да биде завршена со доставување на документацијата. Но, вчера и завчера дел од компаниите се одбиени, а немаме објаснување зошто. Единствено заедничко на одбиените е што имаат фотоволтаици, истакна претседателот на Групацијата, Гоце Трајчев.

Тој вели дека за да се намали цената на месните производи за над 10-15 проценти, потребно е ослободување од царините за увоз на смрзнато свинско месо за преработка што беше во сила четири години и заврши во јуни 2022 и доведе до поскапувања.

Во продавниците велат дека не може веднаш да се очекуваат пониски цени, затоа што коригираните цени може да се очекуваат со доаѓањето на новите пратки.

– Производите што се на рафтовите се веќе влезени со продажна цена. До продавањето на залихите на тие производи, ќе важат старите цени, освен ако трговците не направат самостојно некое намалување на цените. Производите со нови пониски цени, во кои е вкалкулирана поевтината струја, може да се продаваат и по пониски продажни цени – објаснуваат сметководители за „Слободен печат“.

Некои трговци, пак, самоиницијативно одлучија да се приклучат на бранот поевтинувања, откажувајќи се од дел од заработката.

„Први започнавме кампања за трајно намалување на цените на нашите редовни производи. Сакаме да ве увериме дека купувачите се секогаш во фокусот на нашето внимание пред какви било можности за остварување профит или други бизнис-интереси. Основната заложба што произлегува од нашата основна мисија за обезбедување на најдобрите цени за нашите потрошувачи останува јасна и непроменета!“, објави денеска „Стокомак“.

За увозната храна засега остануваат истите цени

За декември не се очекуваат корекции на цените на увезената храна, велат големите увозници. Пратките што сега ги добиле се со непроменета цена. Оттаму објаснуваат дека насекаде во светот има големи влезни трошоци на енергентите, кои повторно бележат раст, наспроти некои берзански цени на храната што имаа намалување. Она што загрижува, брифираат познавачите, е што од земјите каде што правиме увоз на млеко и млечни производи, повторно се зголемуваат откупните цени на млекото.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот