Поетските „Литературни искри“ стануваат традиција во Гостивар

По повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј, во Гостивар веќе девет години се организира Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“, а „Културен печат“ за првпат присуствуваше на фестивалот.

Деветтото фестивалско издание се одржа на 21 мај, во Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар, во организација на Здружението „Милениум“. На фестивалот настапија девет финалисти на годинашното издание избрани од 161 пријавени учесници на конкурсот. Со видеообраќање учествуваа и поетеси од Србија, Бугарија и Словенија.

Проектен координатор на сите девет изданија на МПФ „Литературни искри“ е Слаѓана Брезовска од Здружението „Милениум“, која ни ги откри основните мотиви, предизвици и цели во организацијата на поетскиот фестивал.

– Здружението „Милениум“ оваа година прославува 20 години од своето постоење и по втор пат е носител на овој проект. Мотивот е, пред сѐ, подигнување на интересот за посета на културни манифестации во Гостивар, но и зголемување на културната понуда за љубителите на пишаниот збор и поезијата на државно ниво, развивање и унапредување на соработката и творечката енергија меѓу поетите од Македонија и од другите балкански земји, промовирање на домашните поетски автори надвор од границите на Македонија, како и на балканските поети во нашата земја. „Литературни искри“ успешно ги преброди неколкуте тешки реализации кои се реализираа скромно, кога немаше финансиска поддршка од Министерството за култура, каде во пресрет излегоа приватни компании поддржувачи на културата и делото на Светите Кирил и Методиј. Оваа година, деветтото издание на фестивалот е финансиски поддржано од Министерството за култура со скромен износ, кој не доликува за реализација на ваков тип на фестивал, но сепак сме благодарни и на тоа. Преку манифестацијата на цел Балкан се презентира и мултиетничкиот карактер и мултикултурата на Гостивар, нешто со кое Гостивар, а верувам и Македонија, особено се гордее и гo негува – истакна Брезовска.

Традицијата на фестивалот е веќе позната за гостиварци како убавина и квалитет, како вредност која не смее да згасне, додава Брезовска, и открива дека од година во година на конкурсот се јавуваат сѐ повеќе поети од Македонија и од балканскиот регион, а со поддршка за фестивалот се вклучила и Општина Гостивар.

За наградите на 9. МПФ „Литературни искри“ одлучуваше поетско жири во состав Наташа Сарџоска (претседател), Бранко Цветкоски и Раде Силјан. Наградата Гран-при на фестивалот ја доби Милчо Мисоски од Струга.

– Искрено, не очекував награда. Бев пријатно изненаден. За мене лично добивањето на Гран-при на МПФ „Литературни искри 2022“ претставува посебна чест и поттик за понатамошна работа – посочи Мисоски.

Гран-при наградата на Милчо Мисоски му ја врачи претседателката на жирито Наташа Сарџоска

Иако по професија е примариус доктор со специјализација по микробиологија, неговиот начин на размислување е поетски, а во тој стил ги открива и своите побуди за пишување поезија.

– Поезијата е потреба да се сподели сето она што ѐ со тоа што постои и не постои. Зашто таа, поезијата, е семоќна, за нејзиното создавање ни е потребно сѐ, сите состојки на животот. Имено, затоа и ја сакам. Мислам дека поезијата во својата суштина ги изедначува авторот и читателот, создавајќи притоа амалгам на неповторливост, некој своевиден зборовен мозаик што не може да се повтори. Мора да се каже дека поезијата е посилна од заборавот, нејзиното вечно помнење ја прави вечна и во просторот и во времето. Поезијата е човечка потреба. Таа тоа и секогаш била, постоела и пред нашите чекори. Нејзиното откривање е нашето самоспознавање во светот и за светот. Затоа за да се пишува, пред сѐ, треба да се верува, да се верува како дете, зошто само децата ја знаат тајната на создавањето – открива Мисоски.

Проектната координаторка на фестивалот Слаѓана Брезовска со добитничката на Првата награда Катарина Трендова-Петрова од Кочани

Покрај Гран-прито, на фестивалот беа доделени Прва награда на Катарина Трендова-Петрова од Кочани, Втора награда на Софија Петковска од Скопје, Третата награда ја поделија поетесите Десанка Николова од Велес и Ведрана Петрова од Скопје, за најдобар странски автор беше прогласена Наташа Николов од Србија, а за најуспешна „млада искра“ беше прогласен петнаесетгодишниот Димитриј Давитков од Пробиштип.

Третата награда ја поделија поетесите Десанка Николова од Велес и Ведрана Петрова од Скопје

Младата поетеса Ведрана Петрова, матурантка во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“, веќе има добиено награди на повеќе домашни и меѓународни конкурси, меѓу другите добитник е и на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, а со наградата на „Литературни искри“ го продолжи својот успешен поетски пат.

– Поезијата е моја придружничка откако знам за себе. Таа е дел од моето секојдневие, а учеството на конкурси и фестивали го гледам, не како можност за добивање на награди, иако не можам да се пожалам на тоа, туку како можност за себепромоција и можност преку мојата поезија на читателите и слушателите да им ги доловам моите размислувања за одредена појава или тема што нѐ опкружува. Наградите ги гледам како потврда на вредноста на мојот труд, особено кога истите се добиени во категорија каде што учествувале и реномирани поети од нашата земја, но и од странство. Учеството на меѓународните конкурси го чувствувам како обврска преку која ја претставувам мојата татковина, мајчиниот јазик и култура. Затоа, особено ми се драги овие меѓународни конкурси на кои учествувам и на кои мојот труд не останал незабележан. Признанијата од меѓународните конкурси не ги чувствувам за лично свои, туку како признанија на мојата татковина, на мојот народ и на моето училиште. Многу ми е драго што со годинашнава награда на „Литературни искри“ ќе го заокружам четиригодишниот циклус на промоција на гимназијата „Јосип Броз Тито“, бидејќи како матурант ова е последната награда за поезија што ја носам – истакна Петрова.

Ведрана Петрова

Стихови на 43 поетеси и поети што учествувале на конкурсот во 2022 година, вклучувајќи ги и песните на финалистите, се објавени во збирката на МПФ „Литературни искри“, која ќе остане како сведоштво за деветтото издание, но и ќе биде патоказ кон јубилејното издание в година.

– Се надевам следната година ќе бидеме здрави, насмеани и поинспирирани ќе го реализираме десетото издание на „Литературни искри“, со убави мисли и надежи за нови убави поетски дружења – заклучи Слаѓана Брезовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот