Поетесата Ирена Павлова Де Одорико ја доби поетската награда „Стојан Христов“

Слободан Близнаковски и Ирена Павлова Де Одорико / Фотографија: Струшки вечери на поезијата

Авторката Ирена Павлова Де Одорико, којашто живее и твори во Италија, е годинашниот добитник на наградата „Стојан Христов“ за најдобра книга поезија од иселеник што ја доделува Агенцијата за иселеништво.

Наградата е доделена со одлука на комисијата од фестивалот „Струшки вечери на поезијата“, во состав Славе Ѓорѓо Димоски, Драгана Евтимова и Митко Гогов, а ѝ е доделена за поемата „Светец“.

– Поемата „Светец“ е специфична за целокупното творештво на Де Одорико, бидејќи за првпат се одлучува да пишува преку машки фиктивен лик, таканаречен Петкамен Петко, кој е создаден од страна на народот, лик-гласник што носи утеха за подобри времиња и предизвикува духовен интерес, хуманост, љубезност и ги учи луѓето на љубов и емпатија. (Претходите ликови во сите нејзини книги се познати женски ликови, како, на пример, Силвија Плат и други.). Името го добил токму од играта што се игра со пет камчиња и која многу сакал да ја игра и по која го добил прекарот: Петкамен Петко. Бидејќи потекнува од мало место, одлучува да шета низ светот, неговите откритија за човекот и светот длабоко го разочаруваат, но не се откажува од својата мисија. На тој начин, неговиот лик добива функција на месија, односно духовник и помошник на народот. Содржината на книгата совршено се вклопува со корицата на книгата, на која илустративно се откриваат почетните четири букви СВЕТ, а внатре во зборот СВЕТ се наоѓа зборот СВЕТЕЦ, човек што стои на бесилка, но на главата има ореол – истакнува Драгана Евтимова, дел од жирито.

Ирена Павлова Де Одорико е македонска писателка, поет, новинар, која моментално живее и работи во Италија, каде што неуморно ја претставува македонската култура и литература. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2001 година. Нејзините песни се застапени во многу македонски и светски антологии.

За време на доделувањето на наградата, директорот на Агенцијата за иселеништво, Слободан Близнаковски, додели благодарница на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ за 15-годишната соработка.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 194, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3.9.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот