Почнуваат новите циклуси на проектот „Совршениот уметник“ и наградата „Денес“

Новото издание на дискурзивно – едукативната програма за млади уметници „Совршениот уметник“, кое се одржува во рамки на одбележувањето на 20-годишнината од формирањето на наградата „Денес“ за млад/а визуелен/на уметник/чка и 75-годишнината од формирањето на Националната галерија на РСМ, со објавувањето на повикот за наградата „Денес“, која од оваа година ќе се случува на годишно ниво, почнува на 20 април.

Во рамки на петдневната програма „Совршениот уметник“, која ќе трае од 21 до 25 април во објектот „Мала станица“, учество ќе земат повеќе млади уметници, а туторијали ќе имаат културните работници Ивана Васева, Оливер Мусовиќ, Верица Ковачевска, Виолета Качакова, Филип Јовановски и Амра Исмани.

Повикот за доделувањето на престижната награда „Денес XVII“ е објавен од 20 април и трае до 31 мај 2023 година.

Дискурзивно – едукативната програма „Совршениот уметник“ е практичен и теориски курс наменет првенствено за млади уметници, кој е организиран од кураторката Ивана Васева од здружението „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“ во рамки на наградата „Денес“.

Идејата на оваа програма е да го прошири опсегот на интересите на уметниците, да создаде простор за критичка анализа и преиспитување на уметничката продукција во рамките на севкупниот општествен и политички контекст, како и да понуди практични алатки за негување на нивната уметничка практика.

Програмата „Совршениот уметник“ вклучува голем број локални, регионални и меѓународни гости, таа првенствено се фокусира на млади уметници, но може да се приклучат и сите заинтересирани. Учеството во програмата е бесплатно.

Дискурзивно – едукативната програма „Совршениот уметник“ за прв пат се одржа во 2017 година и е организирана во рамките на наградата „Денес“ за млади визуелни уметници до 35 години.

Наградата „Денес“ е основана во 2002 година, а за прв пат доделена во 2003 година. Таа е дел од меѓународната мрежа Награди за млади визуелни уметници во Централна и Југоисточна Европа и се доделуваше како двомесечен престој во Њујорк, а од 2023 година вклучува нејзино годишно одржување и други новини и резиденции, покрај резиденцијата во Њујорк.

Програмата „Совршениот уметник“ и наградата „Денес“ се во организација на здружението „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“, а се поддржани од „Trust for Mutual Understanding“ од Њујорк, САД.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот