Почна судењето на случајот „Плацови на Водно“, првообвинет е експремиерот Груевски

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Во Кривичниот суд Скопје денеска почна судењето за случајот „Плацови на Водно“. Никола Груевски, Сашо Мијалков, Јордан (Орце) Камчев, неговата мајка Ратка Куновска-Камчева, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ се обвинетите во овој судски процес, што ќе го води судијата Илија Трпков, а обвинител во случајот е Лиле Стефанова.

Екс-премиерот Груевски е во бегство во Будимпешта, а Мијалков и Камчев треба да бидат спроведени од затворот „Скопје” во Шуто Оризари каде издржуваат мерка притвор.  Останатите обвинети, пак, се со полесни мерки на претпазливост.

Според обвинението, 1,3 милиони евра Груевски, во периодот од 2006 до 2012 година, ги присвоил, како дел од парите што биле давани како донации за финансирање на партијата и не ги прикажал како примени донации.

Во обвинението за Груевски се вели дека во средината на 2012, тој дознава дека физички лица кои се иселени од државата преку посредници продаваат земјиште од околу 11.000 квадратни метри на Водно и бара од Мијалков да му помогне да го купи ова земјиште, ама да се прикрие изворот на парите. Мијалков стапува во контакт со обвинетиот Ненад Јосифовиќ, кој бил сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе и се договорил оваа фирма да биде основач на домашна фирма која ќе биде употребена за да се купи земјиштето. На домашната фирма, управител станува Ристо Новачевски, кум од првиот брак на Груевски.

Откако била постигната согласност за купопродажната цена, според обвинението, во повеќе наврати на девизната сметка на скопската фирма, преку сметката на фирмата од Белизе парите се пуштаат во оптек, а Новачевски во својство на управител на фирмата со сопствениците на земјиштето потпишува договор за купопродажба за купување на шума со површина од 11.255 квадратни метри и за тоа плаќа 1,2 милиони евра.

Во 2015 година се менува ГУП на Град Скопје- овие парцели се пренаменуваат во градежни, а и уделот на фирмата од Белизе се пренесува на име на Јордан Камчев и неговата мајка, Ратка Камчева, а плацовите се делат на три дела.

Освен ова, Груевски, според обвинението, како службено лице со намера да го прикрие имотот со кој се стекнал додека вршел државна функција, а кој ги надминува неговите приходи пријавени во анкетниот лист, дал непотполни податоци за недвижниот имот што го поседува, а фиктивно се водел на обвинетиот Новачевски. Па така, тој во анкетниот лист за имотната состојба не пријавил два стана во Скопје со површина од 38 и од 57 квадратни метри, градежно земјиште во Центар во Скопје со површина од 2.729 квадратни метри и две градежни парцели во Крушево.

Бизнисменот Орце Камчев е во притвор во истражниот затвор во Шутка од 14 март годинава, откако месецов му беше продолжен за нови 30 дена за предметот „Плацови на Водно”. Притвор беше определен и за поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство од земјава и е азилант во Будимпшета. Мерки на претпазливост им беа определени и на обвинетите Ненад Јосифовиќ и Ратка Камчева. цр/

Истрагата за „Плацовите на Водно“ беше отворена во октомври лани, а обвинението стигна во судот во мај годинава, од каде откако го прифатија и електронски го распределија кај судечки совет, го закажаа и првото рочиште за денешниот датум.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот