Почна 36-тата сесија на Ликовната колонија во Галичник
Во Галичник од 12 до 18 август се одржува 36-тата сесија на Ликовната колонија Галичник, една од најреномираните и најпрогресивни уметнички колонии во регионот. Со јасна ориентација кон современите текови во визуелната уметност, колонијата и понатаму гради платформа за иновативна, интер-/транс-дисциплинарна и концептуална продукција.
Препорачано
Темата на изданието за 2025 година е со наслов „Постмеморија – Одек на тишината“, инспирирана од истражувањата на Мериен Хирш, Алејда Асман, Ролан Барт и В.Г. Зебалд, кои се занимаваат со тоа како трауматичните историски искуства, иако не се директно доживеани, се врежуваат во свеста и идентитетот на наредните генерации.
Учесниците на колонијата ќе ја истражуваат неизговорената меморија, тишината како сведоштво, но и наследената болка како уметнички материјал, користејќи нови медиуми, архиви, звучни записи, гестови и визуелни фрагменти.
Учесници на колонијата се: Никола Радосављевиќ (Србија) – видеоуметност, инсталации; Дејан Крстиќ (Србија) – звучна уметност, перформанс; Красимир Терзиев (Бугарија) – дигитална уметност, текст; Калина Димитрова (Бугарија) – фотографија, архивски пристап; Далиа Белосиноф (Грција) – визуелна поезија, инсталации; Мариа Анвандер (Австрија) – концептуални текстуални интервенции; Клара Вит (Австрија) – медиумски инсталации, фотографија; Ренеа Беголи (Косово) – цртеж и предмети на меморија; Лука Соудан (Холандија) – аудиовизуелни композиции; Иванчо Талевски (С Македонија) – микс-медија, личен архив; Ана В’чкова (С Македонија) – дигитален колаж, фотографија.
Делата создадени на оваа сесија, заедно со продукцијата од претходната сесија во 2024 година, ќе бидат изложени пред македонската јавност во ноември 2025 во Националната галерија – објект „Мала станица“. Изложбата ќе биде придружена со професионално изработен каталог, кој ги документира уметничките процеси и концептите зад проектите.
Организаторите изразуваат благодарност до Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, кое веќе 36 години ја препознава уникатноста, квалитетот и важноста на ова културно случување; а исто така и до институциите и партнерите како: Австриската амбасада во Скопје, Бугарскиот културен центар во Скопје; Casinos Austria; Пивара Скопје; Месна заедница Галичник и голем број пријатели на колонијата за нивната помош, промоција на културните вредности и збогатување на програмата.
– Нивната континуирана поддршка овозможува вкрстување на уметноста, културната меморија и современата мисла, токму таму каде што најмногу треба – во срцето на планината, во тишината што зборува – истакнува д-р Ана Франговска, уметнички директор на колонијата.


