Почина истакнатата новинарка Гордана Дувњак

По долго боледување, почина новинарката и уредничка Гордана Дувњак, која остави претпознатлив белег со медиумската работа, особено во областа на политиката и правосудството.

Дувњак својата новинарска кариера ја започна во 1988 година во Македонската радио-телевизија, каде работеше две години. Од 1991 до 1999 година беше дел од редакцијата на „Нова Македонија“, по што следуваше долгогодишниот ангажман во „Утрински весник“, каде работеше како новинарка и уредничка во периодот од 1999 до 2017 година.

Професионалниот пат го продолжи во порталот „Макфакс“ во 2017 година, а една година подоцна стана дел од телевизијата „1ТВ“, каде исто така извршуваше и уредничка функција. Од 2019 година работеше во неделникот „Фокус“.

Веста за нејзината смрт ја објави нејзиниот син Мартин Дувњак со емотивна порака, во која ја опишува како „жена борец, мајка каква што секое дете може само да посака и врвен професионалец“.

„Се одјави нашата мајка, жена, кралица Гордана Дувњак. Жена која што не ја сакаше и почитуваше само тој што ја немаше запознаено. Врвен професионалец и новинар кој беше пример за чесност, љубов кон професијата и став“, напиша тој.

Дувњак имаше 61 година.

Погребот е закажан за утре, прво во 11 часот во капелата, а потоа и во 12 часот на гробиштата на Бутел.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот