Почина легендарниот рокер Бора Ѓорѓевиќ
Легендарниот рокер, фронтмен на групата „Рибља чорба“, Бора Ѓорѓевиќ, почина денеска, 4 септември, на 72-годишна возраст.
Бора починал во болница во Љубљана, каде што бил примен поради сериозни проблеми со белите дробови.
Официјалната веб-страница на групата „Рибља чорба“ ја објави веста за неговата смрт.
„Почитувани пријатели, со тага и жалење ве известуваме дека нашиот пријател и брат, Борисав Бора Ѓорѓевиќ нѐ напушти. Почивај во мир драг наш Боки. Борисав Бора Ѓорѓевиќ. 01.11.1952 – 04.09.2024 година“, стои во соопштението.
Последен пат во јавноста се појави на 1 јули, кога го одржа својот последен концерт.
Борислав Бора Ѓорѓевиќ, познат и како Бора Чорба, е српски писател, поет, актер и рок музичар и фронтмен на бендот „Рибља чорба“. Роден е на 1 ноември 1952 година во Чачак. Младоста ја поминал во Белград, а последните години од животот ги поминал во Љубљана.
Со музика се занимава од својата тринаесетта година. Беше член на многу бендови во Чачак, а неговата прва година во Белград беше обележана со работата со групите „Зајдено“, „Хајдук Станко“, „Јатаци“ и „Сунцокрет“. Од 1978 година е фронтмен на групата „Рибља чорба“, со која сними дваесет студиски албуми за повеќе од четири децении работа, а објави исто толку снимени концерти и компилации.
Бора има објавено и десетина книги, а неговата стихозбирка „Пустински остров“ ја доби наградата „Иво Андриќ“ во 2018 година.
Бора Ѓорѓевиќ музичката кариера ја започна во 1965 година во Чачак. Со гитаристите Борко Илиќ и Првослав Савиќ и тапанарот Аца Димитријевиќ основал бенд наречен „Хермелини“. Бора свиреше бас и пееше, а најмногу настапуваа во Чачак и околината. Тие за прв пат свиреле на училиште, а на репертоарот биле популарни рок песни од тоа време.