Почина геј пингвинот Сфен, неговата љубовна приказна со Меџик го освои светот
Кога Сфен, геј пингвинот чија љубов го освои светот, умре во Сиднеј претходно овој месец, неговиот партнер Меџик почна да пее. Жолтоногите пингвини Сфен и Меџик станаа симболи на истополовата љубов во 2018 година, откако вработените во аквариумот ги забележаа двајцата мажјаци како заедно градат гнездо и им дадоа јајце за инкубација.
Нивната врска го инспирираше појавувањето на светски познатата парада на хомосексуалците Марди Грас во Сиднеј и појавување во серијата „Атипични“ (Atypical) на Нетфликс.
Сфен имал речиси 12 години кога починал на почетокот на овој месец, се вели во соопштението на аквариумот „Си лајф Сиднеј“ во четвртокот. Жолтоногите пингвини имаат просечен животен век од 12 до 13 години. Персоналот го однел Меџик да го види телото на Сфен за да сфати дека нема да се врати дома. Кога стигнал до Сфен, Меџик веднаш почнал да пее, а недолго потоа, и останатите 45 пингвини во колонијата.
Жолтоногите пингвини можат да испуштаат звуци во распон од ѕвонење до рикање коишто нивните партнери обично ги препознаваат во вокализациите на другите пингвини во колонијата.
– Љубовната приказна на Сфен и Меџик го освои светот и ми беше чест да ги поздравам домашните и меѓународните обожаватели – рекла Рејчел Дили, извршна директорка на аквариумот „Си лајф Сиднеј“.
– Фокусот на тимот сега е на Меџик, кој наскоро ќе се подготвува за својата прва сезона на гнездење без Сфен – рекле од аквариумот.
На веб-страницата на аквариумот, многу љубители на пингвини оставија пораки во кои зборуваат за радоста и инспирацијата што пингвините ја донеле во нивните животи.
„Суперѕвездо на пингвините Сфен, ти благодарам што постоеше. Ќе ни недостасуваш.“