Почина Амди Бајрам

Фото: Промо

Поради проблеми со срцето на 64-годишна возраст почина поранешниот пратеник Амди Бајрам, јавуваат од неговата партија Сојуз на Ромите од Македонија, јави Канал 5.

Тој починал во клиниката Жан Митрев. Како што јавуваат медиумите, посмртно ќе му биде направен и тест за Ковид.

Бајрам страдал од проблеми со срцето и дијабетес, поради што лани му беше ампутирана едната нога.

Бајрам е основач на Сојузот на Ромите и е нејзин претседател од 1996. Од 1994 беше пратеник во Собранието, прво како член на Партија за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), за до крајот на мандатот да остане независен пратеник. Од 1994–1998 бил во коалиција со владејачкиот СДСМ, а остана запаметен по изјавата кога на парламентарните избори во 1998 рече дека ќе победи премиерот Бранко Црвенковски со „102,3 %“.

Во периодот 1998–2002 ја поддржуваше владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од премиерот Љубчо Георгиевски.

Бајрам во 2004 беше обвинет за кражба на платно од штипската фабрика „Македонка“ вредно 750 илјади евра. Тој првично беше осуден на 7-годишна казна затвор, која потоа му беше намалена на 4 години. На локалните избори во 2005, додека пресудата уште не беше правосилна, се кандидира за градоначалник на Шуто Оризари. Иако победи, беше градоначалник нецел месец бидејќи беше однесен на издржување затворска казна во затворот во Штип. Во 2007 казната му е намалена за шест месеци од претседателот Црвенковски, а во 2008 излезе од затвор.

По затворот пак влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ предводена од премиерот Никола Груевски.

Бајрам ја прекина коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ откако партијата замина во опозиција по парламентарните избори во 2016 и премина во парламентарното мнозинство предводено од СДСМ на премиерот Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот