Победник на Охридскиот маратон суспендиран поради допинг, резултатите му се поништени

 ФИНА му ги поништува сите резултати постигнати во 2018 и во 2019 година на Аргентинецот Гилјермо Бертола поради допинг. Бертола победи на трката на 10 км. во Охрид 2018 година. Аргентинецот таа година беше вицепрвак во генерален пласман во Светската серија ултрамаратони на ФИНА, веднаш пред Евгениј Поп Ацев. И тој пласман треба да му биде поништен

Гилјермо Бертола, победникот на Охридскиот пливачки маратон 2018 на олимписката патека од 10 километри, е суспендиран на четири години од страна на светската пливачка организација ФИНА, поради допинг.

Сите резултати на Аргентинецот Бертола постигнати во трките под капата на ФИНА во сезоните во 2018 и во 2019 година ќе му бидат поништени. Оваа одлука ќе стане правосилна откако ќе биде разгледана евентуалната жалба на Бертола. Покрај трофеите, Аргентинецот ќе мора да ги врати сите парични награди добиени во овие две сезони, ако неговата жалба не се прифати.

Гилјермо Бертола

– На споменатата трка од 10 километри во Охрид, Бертола финишира прв пред Бугаринот Венцислав Ајдарски и Аргентинецот Алехандро Морено. Најдобар Македонец беше Александар Илиевски кој заврши на петтото место. Иако таа година 10-километарската трка во Охрид не беше во календарот на ФИНА, победата на Бертола веројатно ќе му биде поништена –  вели Томи Стефановски, еден од организаторите.

Инаку, Бертола, кој наводно користел крвен допинг, директно влијаеше на пласманот на македонските маратонски пливачи на некои трки во споменатите сезони и на нивниот конечен генерален пласман во тие сезони.

Најуспешниот македонски маратонец Евгениј Поп Ацев во 2018 година беше трет во генерален пласман во Светската серија ултрамаратони на ФИНА, зад Бертола, кој беше второпласиран. Со поништувањето на тој пласман на Аргентинецот, Поп Ацев би требало „пост фестум“ да ја добие неговата награда и пласман, значи едно место погоре, односно светски вицепрвак во дисциплината ултрамаратон за 2018 година.

Да потсетиме Поп Ацев беше светски првак во генерален пласман во оваа конкуренција во 2019, 2017 и во 2015 година.

Покрај тоа на маратонот Санта Фе – Коронда (57 км) во Аргентина во 2018 година, Бертола го освои првото место. Поп Ацев беше четвртопласиран, што значи дека со поништување на тој резултат на Аргентинецот, нашиот пливач треба да го добие признанието за третото место.

На таа трка Македонецот Александар Илиевски беше осми, па би требало да биде седми. Бертола таа година беше и шестопласиран на Охридскиот маратон (25 км), трка под капата на ФИНА, едно место пред Поп Ацев и шест места пред Илиевски. И тој резултат би требало да му биде поништен…

Гилјермо Бертола беше светски првак во Серијата ултрамаратони на ФИНА во 2017 година, титула што ја подели со Поп Ацев. Но оваа титула изгледа ќе му остане на Аргентинецот, затоа што е освоена пред периодот 2018-2019, за кој тој е казнет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот