Фото: Фудбалски клуб Брегалница

Победи на Брегалница и Скопје во дерби дуелите во ВМФЛ

Фудбалерите на Штипска Брегалница ги освоија трите бода на гостувањето во Струмица, додека Скопје славеше во соочувањето со директниот конкурент за самиот врв на табелата во Втората македонска лига.

Во соседското дерби Брегалница во Струмица ја совлада Беласица со 1:0, а натпреварот беше решен во 80 минута со погодокот на Дино Михолов.

Дерби се играше и на стадионот Железарница каде Скопје го пречека директниот конкурент за врвот на табелата Охрид Лихнидос. И на овој меч победникот го реши само еден погодок, а триумфот на Скопје му го донесе Мердиан Рамадани кој во десеттата минута најдобро се снајде во противничкиот шеснаесетник и по слабата реакција на голманот на Охриѓани, Дамјан Серафимов ја спроведе топката во мрежата на гостите.

Главниот судија на натпреварот Стојанче Стојанов оправдано покажа и три црвени картони. Предвреме натпреварот го завршија Кристијан Николовски од Скопје како и гостинските играчи Благоја Спирковски и Иван Глигоров.

Шкендија Арачиново забележа убедлива победа од 8:2 во мечот против Вардар Неготино. Владимир Жоглев и Христијан Димов постигнаа по два гола, а по еднаш прецизни беа Зани Насифи, Дестан Адили, Ален Јашароски и Сухејб Рушити. Головите за гостите од Неготино беа дело на Алекс Горгиоски и Раде Рајчиновски.

Дваесет и седмата рунда во ВМФЛ ја одбележаа победи на гостите. Кожув го Кочани славеше над Осогово со 1:0, Тетекс во Прилеп ја совлада Победа со 3:0, а Новаци забележа победа од 2:0 во дуелот против Слога во Виница. Мрежите мируваа на натпреварот Детонит Плачковица – Каменица Саса, а рундата ќе се комплетира в недела со дуелот Големо Коњари – Преспа.

На три кола пред крајот на Втората лига, на врвот Брегалница има 64 бодови, два повеќе од Шкендија Арачиново и Скопје, додека Охрид сега е четврти со 59. Далеку зад водечката четворка е Беласица со 52 бодови, а шести е Осогово со 50.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот