денко малески
Професор Денко Малески, Фото: Слободен печат/Архива

Победа, принципи и вредности! А реалности?

Прославата на 9 Мај, Денот на победата над фашизмот, нашето државно раководство ја прослави под паролата „Победа, принципи, вредности“.

Ние како буквално да го сфаќаме светот како поле за културен натпревар меѓу народите, дури и кога грмат топовите во Украина и Иран, а светот е на работ на нуклеарна катастрофа. Всушност, ние не правиме ништо што не го прават сите мали држави на кои им недостасува воена и економска моќ: се повикуваме на принципи и вредности. Само, ми се чини, го претеруваме дотаму што на соговорниците им е непријатно нашето непознавање на реалните меѓународни односи. Ирелевантни во битката меѓу „слоновите“, мислиме дека нашиот „спас“ се принципите и вредностите, нашата морална моќ. Но таквата моќ не се важи многу во еден свет во кој правно сите држави се еднакви, а реално се разликуваат по својата сила. Моралниот јазик не може да ја смени реалноста. Државите во светската политика се раководени од интереси, безбедност, економија и никаква количина морални лекции не може да го надомести тој дефицит кај малите држави како нашата. Историјата е полна со примери, почнувајќи од оној запишан во „Пелопонеските војни“ на Тукидид: славната епизода на островот Мелос, кога големата сила Атина бара од граѓаните на островот да ги прифатат нејзините услови и да се приклучат на сојузот или да бидат убиени. Гледајќи на компромисот низ призмата на својата 700-годишна самостојност, како на предавство, Мелијанците одлучуваат да загинат за Мелос. Ние, колку што можам да го проценам расположението на народот, сакаме да живееме за Македонија.

И додека големите сили се борат за доминација, малите држави се борат за свој опстанок. Она што нѐ учи историјата е дека патот до опстанокот води преку политиката на флексибилност, тактички компромиси, балансирање и прилагодување на малата држава. Не велам дека моралната компонента не вреди ништо, но претераното морализирање што е карактеристично за македонскиот државен врв го блокира ваквиот пат кон ЕУ, зашто не решава ништо суштински во очекување друг да ги тргне пречките на нашиот пат до Брисел. Ако, пак, пораката која ја упатуваме на Европа со солганот со кој го прославивме 9 Мај е дека ние ја претставуваме правдата, а ЕУ ги гази сопствените принципи, дека ние го претставуваме принципот на слободата и демократијата, а Бугарија фашизмот и национализмот, и го затвораме патот на дипломатијата за многу години нанапред. Всушност, прикажувајќи се себеси во најдоброто морално светло „како најдобар студент“ (така самите си се оценуваме) во реализирање на Копенхашките критериуми, политичкото водство на Македонија се ослободува од обврската и самото да стори нешто во реалниот свет кој не е толку морален колку што мислат дека се тие. Нашите политичари би требало да знаат што се бара од нив доколку навистина сакаат да станат дел од европскиот сојуз и пред да им се каже тоа од Брисел. Нам, пак, ни е кажано многу пати што се бара од нас: уставни измени. Нашите политичари не сакаат да го слушнат тоа зашто, спротивно на позната мисла на Макијавели, не го разбираме светот каков што е туку каков што ние сакаме да биде. А каков е светот? Во него има двојни стандарди, има вето, има интереси, има силни и слаби, има војни, има неморал, има геноцид, има сѐ најлошо и по нешто добро. Тука, во таквиот свет да се снајдеш е мајката. Во лесниот, светот базиран само врз правото, принципите и вредностите, секој може да води држава. Во нашиов случај, порачуваат нашите врвни политичари, само ќе треба Северна Македонија и ЕУ да прочитаат што е запишано во основачките акти на ЕУ и voila – решен проблем. За жал, таков идеален свет на правото и на правдата не постои.

Либертас

(Авторот е професор и прв министер за надворешни работи)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот