По тригодишна пауза, Град Скопје одржа координативен состанок со градоначалниците на скопските општини
Ѓорѓиевски најави дека оваа средба нема да биде само епизодна, туку најмногу на секои 40 денови ќе се одржуваат состаноци од овој тип. Тој вели дека со овој заеднички пристап на Градот и Општините ќе се овозможи поефикасно и координирано решавање на сите проблеми на граѓаните.
Во просториите на Град Скопје денеска после неколку години се одржа координативен состанок на градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и градоначалниците на сите десет општини во рамки на градот.
Препорачано

Пред почетокот на состанокот, Ѓорѓиевски заедно со десетмината колеги градоначалници, изјави дека после неколку години, повторно ќе се одржи координативна седница помеѓу Градот и Општините, и додаде дека оваа средба нема да биде епизодна, туку, како што вети градоначалникот, најмногу на секои 40 денови ќе се одржуваат состаноци од овој тип.
„После три и пол години, повторно Градот започнува со одржување координативни состаноци со градоначалниците на останатите општини, но од сега ова ќе премине во пракса и максимум на секои 40 дена ќе ги одржуваме овие состаноци“, изјави Ѓорѓиевски пред состанокот.
Тој вели дека со овој заеднички пристап на Градот и Општините ќе се овозможи поефикасно и координирано решавање на сите проблеми на граѓаните.
„Ќе договориме заеднички пристап во креирањето на Буџетот на Град Скопје и во дефинирањето на приоритетите, со што ќе се овозможи поефикасно адресирање на наталожените предизвици, но и подобра усогласеност во реализацијата на нови проекти од интерес на граѓаните. Оваа соработка ќе значи брзи, координирани и практични решенија на терен како за поголемите, така и за помалите проблеми“, рече Ѓорѓиевски.
Меѓу темите за состанокот тој ги спомена Буџетот и неговиот ребаланс за оваа година, новогодишното украсување, како и справувањето со дивите објекти и бараки, особено оние во центарот на градот.
„Градот спроведува динамична акција за отстранување на времените објекти кои го узурпираат јавниот простор. Целта е јасна – ослободување на тротоарите, уреден јавен простор и безбедно движење на пешаците“, рече Ѓорѓиевски.

Исто така, прашан за воведувањето мерки за забрането фрлање отпад од 22 часот до 6 часот наутро, тој информираше дека иницијално неговата идеја била најпрвин да се предупредуваат и опоменуваат граѓаните кои го депонираат отпадот, а не веднаш да се санкционира.
„Мојата идеја со мерката за отпад да не се фрла од 22 часот до 6 часот наредниот ден не е нова, таа била и пракса во минатото, како што знаат повозрасните скопјани и таа функционирала. Сепак, ние одлучивме да не казнуваме веднаш, туку да почнеме со опомени, а санкционирањето да започне доколку по опомените, одредени граѓани повторно продолжат со непочитување на дадените мерки“, рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека посебен фокус ќе има на правните објекти, локалите и рестораните, кој, како што вели, изминативе години ги злоупотребувале контејнерите наменети за секојдневен отпад на граѓаните и постојано ги преполнувале со ѓубре. Градоначалникот информираше дека разговарал со угостителите и најави дека во иднина ќе има посебен систем за депонирање на отпадот од овие објекти, со што контејнерите низ градот ќе бидат наменети исклучиво само за граѓаните.

Ѓорѓиевски рече дека се започнати тендерски постапки за подземниот премин кај „Лимак“, изградба на кружен тек во Ѓорче Петров, како и за стабилизирање на водниот притисок во високите зони, а за следната недела најави дека ќе биде распишан тендер за почеток на реконструкцијата на Луна паркот.
„Започнати се и тендерски постапки за клучни проекти предвидени во програмата: решавање на проблемот со Лимак, изградба на кружниот тек во Ѓорче Петров, стабилизација на водниот притисок во високите зони и серија други инфраструктурни и комунални зафати што директно ќе го подобрат животот на скопјани. Еден од најзначајните и најдраги проекти што се најавуваат е Луна Паркот. По децении чекање, процесот конечно ќе започне, овозможувајќи им на најмладите долгоочекувано место за забава и рекреација“, изјави Ѓорѓиевски.
Во однос на претпријатијата, градоначалникот соопшти дека ситуацијата во ЈП „Паркови и зеленило“ е стабилизирана и најави дека до јануари ќе има порамнување на платите на вработените во претпријатието, како и повторно исплаќање на пензиските и здравствените придонеси.
За ЈП „Комунална хигиена“, тој изјави дека во моментов претпријатието располага со педесетина функционални возила и истакна дека до оваа пролет се очекуваат 20 нови комунални возила, кои ќе бидат набавени во соработка со Министерството за транспорт, а за оваа набавка ќе бидат одвоени четири милиони евра.


