Фото: Profimedia

По три децении од почетокот на приватизацијата државата уште им плаќа надоместок на околу 2.000 стечајци

Приватизацијата во земјава е болна рана, а според сите параметри таа беше фатална за македонската економија. Повеќе од 680 фабрики и комбинати беа упропастени и затворени од кои 154 беа индустриски гиганти

И по повеќе од три децении од почетокот на приватизацијата на претпријатијата во доминантна сопственост на државата, речиси 2.000 граѓани (1.985 според евиденцијата на Агенцијата за вработување за јуни годинава), добиваат надоместок од државата и тоа сè до нивното евентуално вработување или пензионирање. Законски овие невработени имаат право на месечна исплата во висина од 34 отсто од просечно исплатената месечна нето-плата по работник во Македонија, за претходната година, односно нешто над 14.000 денари. Но, на овие средства не може да сметаат оние што добиле испратнина поголема од 12 месечни плати во висина над просечната исплатена месечна нето-плата во земјава.

Правилата се јасни – за да добијат средства од државата, лицата треба да биле вработени најмалку 14 години во овие претпријатија, да им престанал работниот однос до 31 декември 2020 година и на денот кога доставиле барање до АВРСМ, да имале најмалку 52 години (жени), односно 55 години за мажи. Приватизацијата во земјава е болна рана, а според сите параметри таа беше фатална за македонската економија.

Над 680 фабрики и комбинати беа упропастени и затворени од кои 154 беа индустриски гиганти. Илјадници претпријатија станаа неликвидни, стотици чекаа стечајна постапка со која раководеа само неколкумина стечајни управници и стечајни судии во државата. Повеќе од 200 илјади македонски граѓани останаа без работа и без сопствена егзистенција и според познавачите, над 4 милијарди евра капитал беше обезвреднет и заврши во рацете на малубројната политичка-бизнис елита.

Стапката на невработеност на почетокот на 90-тите години изнесуваше помеѓу 18 и 19 проценти. Како директна последица на катастрофалната приватизација и лошите економски политики, резултатот беше драстично зголемување на бројот на невработени, односно највисоката алармантна невработеност во 2005 година со 38 проценти.

– Со овој закон се уредуваат условите за стекнување и начинот на користење на право на материјално обезбедување на невработените лица, на кои им престанал работниот однос по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок во претпријатијата со доминантна сопственост на државата или по нивната приватизација во периодот од 1 јануари 1993 до 31 декември 2020 година – стои во Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата од 2021 година.

До пред десетина години, речиси секоја недела имаше по еден протест на стечајците и работници прогласени за технолошки вишок со минимум 15 години работен стаж. Тие беа незадоволни и бараат да добиваат по 100 евра од државата. По неколку години неуспешни обиди да се донесе закон со кој ќе се реши нивниот статус, тие не отстапија од нивните барања да се донесат измени на Законот за материјално обезбедување на стечајните работници со работен стаж помал од 25 години до нивното пензионирање или ново вработување.

Македонскиот модел на приватизација стартуваше во 1993 година

Приватизацијата на општествениот капитал започна 1990-1991 година, со трансформацијата на 240 претпријатија со општествен во приватен капитал (акционерски капитал). Оваа трансформација е изведена врз основа на Законот за општествениот капитал од 1989 г. донесен од Собранието на СФРЈ. Македонската стратегија за приватизација беше утврдена во Законот за трансформација на општествениот капитал од јуни 1993 година.

Со овој закон, Македонија се определи за платена приватизација според методот „случај по случај“. Малите претпријатија беа приватизирани со откуп на најмалку 51 отсто од проценетата вредност на претпријатието од страна на вработените (30 отсто попуст, плус 1 отсто за секоја година работен стаж) или со продажба на дел од претпријатието во форма на акции или удели на надворешни субјекти.

Средните и големите претпријатија го применија истиот модел, плус методот на приватизација од страна на менаџерските тимови. До крајот на 1996 година беа приватизирани се 914 претпријатија од вкупно 1.307. Тогашната Агенција за приватизација успеа да наплати само 167 милиони германски марки од кои 20 милиони во готово, а другите со заробени девизи и обврзници. Во мај 1997 година бројката на приватизирани претпријатија надмина 1.000.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот