Пожар на езерото Младост во 2019 година / Фото: Фејсбук

По шест години осудени предизвикувачите на пожарот на Велешкото Езеро во 2019 година, на изгорените површини масовно се гради

Фирмата „Реал градба“, нејзиниот сопственик, 61-годишниот Тасе Илиевски, и 58-годишниот вработен Марјан Ангелов, се виновни за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ за предизвикување на пожарот над езерото „Младост“ кај Велес во август 2019 година, пресуди попладнево Основниот суд во Велес.

Судот со кој претседаваше судијата Бојанчо Донев во пресудата одлучи дека обвинетите кривичното дело го сториле со умисла и им изрече казна затвор во траење од по пет години на Илиевски и Ангелов, засметувајќи го времетраењето на притворот.

На фирмата „Реал градба“ изречена ѝ е парична казна во висина од 300 илјади денари.

Осудените, со искри од необезбедена брусилица со која работеле на викенд-куќа, предизвикале пожар кој избувна на 26 август 2019 година и за брзо време се прошири и ја зафати боровата шума над велешко езеро „Младост“.

За над 10 часа во пожарот изгореа повеќе стотици хектари со квалитетна борова шума во местото кое е рекреативен центар, како и во околните населени места. Запалената трева потоа го предизвика пожарот којшто се проширил во неколку крака и ја изгорел боровата шума во близина на населба Отовица, зафатил приватни имоти, објекти на површината на брегот на езеро „Младост“, на север сè до селото Новачани.

Предизвиканата штета од пожарот е проценета на околу 440.000 евра. Од вкупната сума, штетата на државата, односно на оштетеното ЈП „Македонски шуми“ – ШС „Бабуна“, за изгорени дрвја на вкупна површина од 4765 кубни метри е проценета на околу 400.000 евра. Останатата предизвикана штета од пожарот, во вредност од околу 34.000 евра, е причинета на имоти и објекти во сопственост на физички лица или правни субјекти.

Одбраната на осудените Илиевски, Ангелов и фирмата „Реал градба“ денеска најави жалба на пресудата.

На голем дел од изгорената шума над велешко езеро „Младост“ во изминативе неколку години по пожарот, со дозвола од локалната власт, масовно се градат станбени комплекси и згради. Велешани се револтирани бидејќи не се обнови опожарената борова шума засадена пред 60-ина години која ја сметаа за „бели дробови“ на градот, а локалната власт наместо да засади нова шума, одобри изградба на станбени комплекси.

Еколошка катастрофа на велешкото езеро Младост, полно е со амонијак и други отрови

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот