20.8 C
Скопје

По објавените аудио снимки од конгресот на СДСМ, згасна страницата што ги пушти твитовите

Во една од двете нови снимки објавени на Фејсбук се слушаше како делегат од Центар кажува дека со разрешувањето на Пауновски е направена сериозна грешка и бара партијата да каже оти нема да разрешува луѓе кои работат според закон, додека во другата се слушаше делегат од Куманово кој реагира зошто Максим Димитриевски не е дел од новиот Централен одбор на СДСМ и прашува дали е тоа затоа што искажувал свои мислења и ставови, објавува 360 степени.

Порано денеска, на истата Фејсбук страница, беше објавено и дел од обраќањето на досегашната заменик-претседателка Радмила Шеќеринска зад затворени врати, во која таа искажува критички однос кон некои состојби во партијата

Страницата „Реформи на СДСМ“ повеќе не е достапна на социјалната мрежа Фејсбук. Страницата, како што можеше да се види, беше креирана синоќа непосредно по завршувањето на вчерашниот конгрес, а од утрово на неа се објавија три аудиоснимки од затворениот дел на конгресот. Со сите објавени снимки се користеше „хаштаг“ со кој се бараше оставка од актуелниот претседател Зоран Заев, а стануваше збор за критики за актуелните случувања.

Во првата снимка, за која пишувавме, се слушаше гласот на довчерашната заменик-претседателка Радмила Шекеринска, додека во новите две снимки, пак, според тоа што се тврдеше, се слушаа гласовите на делегатите Владимир Митревски од Центар и Борис Станковски од Куманово во кои го искажуваат своето незадоволство од разрешувањето на Стојко Пауновски од директор на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) и неноминирањето на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски за член на новиот Централен одбор на партијата.

Во едната снимка, делегатот од Општинската организација (ОО) во Центар реагира на разрешувањето на Пауновски. Тој аргументира дека тоа е сериозна грешка бидејќи ги дестимулира другите, па бара од партијата да каже дека нема да ги менува оние што работат според закон, каков што вели дека е случајот со Пауновски.

„Целата одговорност од разговорите со луѓето, од тоа колку го познавам и го знам Стојко Пауновски, сметам дека направивме сериозна грешка, заради тоа што наш директор којшто во такви тешки услови се однесуваше така како што се однесуваше и работеше, го разрешивме само заради тоа што не сакаше во општини каде што има прекумерен број на вработени да прими уште. Навистина е дестимулативно за другите. Нека извини хиерархијата, хиерархија е, меѓутоа ако хиерархијата тера да правам нешто што четири години сум го зборувал дека сум против тоа и имајќи предвид дека вработените не мора да идат на работа и што сме направиле?! Ве молам таа грешка да се исправи колку што може. И, да кажеме едно образложение пред луѓето, пред граѓаните, дека нема да ги менуваме тие што навистина работат по словото на закон, а човекот работеше по словото на законот, бидејќи го познавам долги години уште како претседател на општинската во Тетово, каде што за време на избори имав и активности и ги знам луѓето и размислувањата“, вели делегатот Владимир Митревски.

Во другата снимка, пак, кумановскиот делегат Станковски реагира затоа што кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, не е меѓу кандидатите и членовите на новиот Централен одбор (ЦО) на СДСМ. Тој предупредува дека во октомври следуваат локални избори на кои ќе се трасира патот и за следните парламентарни, па бара да се решат проблемите и ескалацијата во неговата општинска организација.

„Во последно време се случуваат нелогични работи за кои треба да се дискутира токму на ова место, односно на конгресот затоа што проблемите не се ставаат под тепих туку сега сме тука сите заедно да најдеме начин да се договориме и да ги решиме проблемите. Пред околу две или три недели се одржа онлајн конференција на ОО на СДСМ во Куманово. На оваа конференција беа донесени предлозите за кандидати на ЦО и на оваа листа го немаше градоначалникот Максим Димитриевски, а гледам го нема ни во четирите кандидати кои се избрани од страна на централното раководство“, вели Станковски.

Од снимката се слуша и како во неговото обраќање тој прашува дали тоа што Димитриевски не е дел од новиот состав во партиските органи затоа што има свое мислење.

„Дали градоначалникот што имаше некои свои ставови и кажување на свои мислења, дали е тоа причината поради која не е ставен на листата за членови на ЦО? Нема никаква логика, се прават некои нелогични работи во последно време. Не е време за суети, за хајки, треба сите заедно да се обединиме да го решиме проблемот, што е, како е, во кого е проблемот. Во централата во Скопје ли, во општинската организација ли? Барам од работното претседателство името на Максим Димитриевски да го стави на листата предлог кандидати за ЦО, а делегатите да се изјаснат затоа што реалноста е една, а желбите и амбициите се нешто сосема друго“, се слуша во аудиото.

Во првата снимка, пак, Шекеринска искажуваше критики за случувањата во партијата и нерешавањето на проблемите.

По објавувањето на првата снимка, прашавме во СДСМ дали е автентична и кој е нивниот коментар, а оттаму ни одговорија дека вчерашниот конгрес поминал во демократска и другарска атмосфера, дека во партијата се говори гласно и се почитуваат различни мислења, а дека оние што се надевале на раздори, се разочарале.

„Вчера СДСМ покажа силно, одлучно, вредно, социјалдемократско единство. Сите реформи, сите подобрувања добија силна поддршка од членството и делегатите. Многумина, коишто се надеваа на раздори, несогласувања, фракции, се разочараа. Напротив, конгресот на кој, секако, имаше дебата, помина одлично, во демократска, другарска и пријателска атмосфера. Промените во партијата добија силна поддршка од делегатите и од членовите на поранешното раководство, меѓу кои, секако, и Радмила Шекеринска, што се покажува и со големиот број гласови при усвојувањето на одлуките. Во СДСМ се говори гласно, се почитува различно мислење и тоа е една од демократските вредности и придобивки“, изјави портпаролката на партијата, Богданка Кузеска.

Поврзани вести

Состојбата му е сериозна: Четиринаесетгодишно момче од Загреб испило литар вотка и завршило во болница

Катерина Стевовска

ВИДЕО | Заев: Ја враќаме довербата меѓу македонскиот и бугарскиот народ

Слободен печат

СЗО: Делта сојот полека станува доминантен во светот

Слободен печат

ВИДЕО | Ѓорчев: Бугарија има проблем со реалноста за постоењето на македонската нација и македонскиот јазик

Слободен печат

Санкционирани 83 возачи на автопатот Скопје – Велес поради брзо возење

Слободен печат

ВИДЕО | Трагедија во Перу: Во автобуска несреќа загинаа 17 патници

Слободен печат

Остави Коментар