ПО НАЈНОВА МОДА: Училиште во Ѓорче доби половични училници, децата нека се стиснат

училница

Училниците во подрачното основно училиште „Димитар Поп Георгиев- Беровски“ се преградени, со што им е оневозможено ефективно следење на наставата, реагираат револтирани родители чии деца посетуваат настава во ова училиште во општина Ѓорче Петров.

„Не водејќи се од процедурите и нормативите за тоа како треба да изгледа една училница, и во кои димензии треба да е истата, директорката на училиштето заедно со локалните власти тие училници ги преполовува и со тоа ги крати нормалните услови на настава“ се вели во објавата која осамна на фејсбук страната „Ѓорче Петров“.

Во обид да им овозможат на своите деца следење на настава во училници пропишани по сите стандарди, родителите закажале и средба со директорката, на која што очекуваат да се донесе одлука за рушење на преградните ѕидови на училниците. Доколку тоа не се случи, родителите најавуваат бојкот на наставата.

Дека училниците се навистина преполовени, покажуваат и фотографиите објавени на истата фејсбук страна.

училница

Зошто учениците учат во несоодветни училници и дали истите ќе бидат оспособени за достоинствено следење на наставата, ги прашавме општинските власти, од каде што ни потврдија дека училниците се навистина преградени, но тоа како што велат било на барање на родителите кои не сакале нивните деца да бидат префрлени во Централното Основно Училиште „Димитар Поп Георгиев- Беровски“.

„Во подрачното училиште „Димитар Поп Георгиев- Беровски“ наставата се одвива само до петто одделение, во сегашниот објект нема услови таму да се одвива настава до деветолетка. Преградувањето на училниците е преодно решение за оваа учебна година за да може да се задоволат родителите и месното население кои бараат учениците да не се префрлат и да не следат настава во централното училиште Димитар Поп Георгиев Беровски во урбаната заедница Ѓорче Петров“, велат од општината.

Оттаму додаваат дека се во интензивни преговори со Министерството за образование за доградба на училиштето.

„Последниве 2 години се прават напори како да се реши од урбанистички аспект подрачното училиште Димитар Поп Георгиев Беровски во населба Хром, по што би следело негово доградување за наставата да се одвива до 9-то одделение. Следната учебна година ќе се направи доградба на училиштето по што тоа станува деветолетка а преградните ѕидови ќе се отстранат“, уверуваат од општината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот