По Македонија, ќе се бугаризира и Албанија

Фото: Слободен печат

Според последните извештаи, на Македонија ѝ се заканува десеткување на малцинството во Албанија, каде што во последно време владее голем интерес за патните исправи на Бугарија.

Никогаш досега не ја дознавме точната бројка на македонски граѓани што поседуваат патни исправи на Република Бугарија. Според некои извори, станува збор за 61 илјада граѓани, а според други проекции бројката е над 200 илјади, па можеби и 300 илјади.

Како и да е, се работи за поголема група Македонци, кои во документите потпишани при конкурирањето за бугарски пасош, покрај тоа што го прифаќаат државјанството на соседната земја, тие даваат изјава дека се чувствуваат како Бугари, со тврдење дека така се чувствувале и нивните предци. Значи не се бара само јавно искажување на припадноста кон бугарскиот народ на подносителите на барањето за пасош, туку и на одамна починати луѓе им се импутира бугарофилство, иако на никаков начин тие не можат да се одбранат.

Но, тука не завршува приказната. Според последните извештаи, на Македонија ѝ се заканува десеткување на малцинството во Албанија, каде што во последно време владее голем интерес за патните исправи на Бугарија, со кои, да потсетам, без никакви пречки може да се работи во земјите на Европската Унија.

– Нема млад човек во регионите на Гора и Голо Брдо во Албанија, каде што живее македонско малцинство, кој не бил на бесплатна еднонеделна екскурзија во Бугарија – тврди Васил Стерјовски, пратеник од Македонската алијанса за европска интеграција во албанското Собрание.

Стејовски објаснува дека Бугарите ја искористуваат сиромаштијата на Македонците во Албанија и континуирано прават сè и сешто за да прикажат бугарско малцинство.

Сиромаштијата беше главниот фактор за оние 60, 200 или 300 илјади граѓани од Македонија, кои веќе извадија бугарски пасош. Овие луѓе не се преселија во Бугарија, туку се распрснаа по Западна Европа, каде што го најдоа лекот за сиромаштијата. Никој од нив не зборува бугарски, ниту пак тие се претставуваат како Бугари, но тоа нема да ги избрише нивните изјави дадени во процедурата за вадење на пасошите, каде што недвосмислено ги истакнуваат бугарските корени.

За кратко време сиромаштија на Бугарија може да ѝ донесе 200 илјади нови граѓани од Албанија, кои ќе се преселат во Западна Европа со дадена изјава за бугарски чувства и корени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот