По Газа, Трамп ќе присуствува на мировниот договор меѓу Тајланд и Камбоџа
Американскиот претседател Доналд Трамп ќе присуствува на потпишувањето на договорот за прекин на огнот меѓу Тајланд и Камбоџа, што ќе се одржи за време на самитот на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН), изјави во вторник малезискиот министер за надворешни работи Мохамед Хасан, пренесува Ројтерс.
Препорачано
Трамп „со нетрпение очекува да присуствува на потпишувањето на мировниот договор меѓу Тајланд и Камбоџа“, рече Хасан за време на прес-конференцијата во Куала Лумпур, каде што регионалниот блок од 10 земји ќе го одржи својот 47-ми самит од 26 до 28 октомври.
Премиерот на Малезија, Анвар Ибрахим, кој го држи ротирачкото претседателство на АСЕАН, изјави дека американскиот претседател ќе присуствува на самитот, иако нема официјална потврда од Вашингтон.
Малезија посредуваше за почетен прекин на огнот меѓу Тајланд и Камбоџа на 29 јули, со што завршија непријателствата по притисокот од Анвар и Трамп.
Тајланд и Камбоџа се судрија пет дена во јули, при што загинаа најмалку 48 лица и привремено беа раселени повеќе од 300.000 цивили во најжестоките борби меѓу двете земји во повеќе од една деценија.
Причината беше нивниот долгогодишен спор околу демаркацијата на нивната граница. Судирите во јули избувнаа откако Тајланд ја обвини Камбоџа за поставување мини што повредиле тајландски војници.
Американскиот претседател се бори за Нобелова награда за мир за неговата улога во решавањето на осум конфликти , како што вели тој.
Камбоџанскиот премиер Хун Сен во август изјави дека ја поддржува номинацијата на Трамп за Нобелова награда за мир, пофалувајќи ја „визијата и иновативноста на неговата дипломатија“.
Од своја страна, неговиот тајландски колега Анутин Чарнивиракул минатата недела изјави дека добил писмо од Трамп во кое американскиот претседател изразува желба двете соседни земји да ги решат своите разлики.
Тајланд е подготвен да преговара со Камбоџа, рече тајландскиот премиер, под услов Пном Пен да го повлече тешкото оружје од границата, да ја деминира областа, поефикасно да се бори против мрежите за онлајн измами и да ги отстрани своите граѓани од областите што ги бара Тајланд.


